Пет неочекувани животни лекции што ниту еден маж не ги учи сѐ додека не добие ќерка
Повеќето татковци, рака на срце, се вистински „мајстори за животни лекции“. Го знаете оној тон: „Ајде, дојдете да ви објаснам како стојат работите.“ „Кога јас бев млад…“ „Слушај го татко ти“.
Препорачано
И во тоа нема ништо лошо – на децата им се потребни граници, насоки и искуство. Но, постои и онаа друга вистина што често ја забораваме: понекогаш, и тоа почесто отколку што би признале, ние можеме да научиме многу повеќе од своите деца отколку тие од нас. Особено од ќерките, бидејќи тие на татковците им ги отвораат вратите кон еден свет што мажите без нив речиси никогаш не би го запознале: светот на емоциите, нежноста, односите, интуицијата, ситниците што му даваат смисла на животот, пишува „Е-клиника“.
Ако сме доволно мудри да застанеме и да обрнеме внимание, ќе добиеме лекции што не се учат од книги.
1. Победата не е единственото што е важно
Мажите често се заглавуваат во потребата да победат, да бидат најдобри, да се докажат и на крајот да има јасен резултат. Ќерките, особено кога се мали, го имаат тој здрав инстинкт да уживаат во процесот, во играта и во односот – многу повеќе отколку во самиот исход.
За нив често е поважно како сме се чувствувале додека нешто сме правеле, отколку кој победил на крајот. И тоа е голема лекција: понекогаш е поважно да останеш човек, отколку да бидеш победник.
2. Прегратката понекогаш вреди повеќе од сите зборови
Колку пати сме се обиделе да „го решиме проблемот“ со разговор – да објасниме, да докажеме, да поправиме недоразбирање? А колку пати тоа навистина успеало? Ќерките често имаат неверојатно прецизно чувство: не им се секогаш потребни објаснувања, туку блискост.
Понекогаш најдобриот одговор на солзи, лутина или страв е токму она што ние, возрасните, најтешко го даваме без услови – нежност. Прескокнете го предавањето и одете директно на прегратка, затоа што „само држи ме“ не е слабост, туку потреба да се биде сакан и разбраn.
3. Кафето може да ја поправи речиси секоја ситуација
Некогаш е тоа пластичен сервис и најчесто нема вистинско кафе, некогаш колачите се од фантазијата. Но едно е сигурно: ретко кој маж седнал на под и одиграл „пиеме кафе или чај заедно“ со својата ќерка, а да не се вратил барем малку „полесен“.
Во тие мали ритуали се случува нешто големо: таткото за миг се враќа кон себе, забавува, дише, учи да биде присутен и да се игра без цел. А тоа е луксуз што во возрасниот живот најмногу ни недостига.
4. Не би било лошо малку повеќе да внимаваме на изгледот
Не, никој не предлага цилиндрa и манжетни, но ќерките ја имаат таа нежна искреност што нѐ погодува точно каде што треба. Тие ќе кажат: „Мама би сакала да се избричиш пред да ја бакнеш“, „Ќе носеше поубава вратоврска“, „Родителската средба не е место за бермуди“.
И знаете што? Во право се. Не затоа што треба да бидеме совршени, туку затоа што и тоа е порака на почит – кон себе, кон партнерката и кон ситуацијата.
5. Важно е да се разберат фактите, но исто толку е важно да се препознаат чувствата
Еден татко ѝ се пожали на сопругата за тинејџерската ќерка: „Зар не треба веќе да научи да биде помалку чувствителна?“ Мајката ни трепна: „А зар ти не треба веќе да научиш да бидеш малку почувствителен по 12 години?“ Тука е целата филозофија.
Ние често сакаме да го разбереме проблемот и да го решиме, но ќерките нѐ потсетуваат на она што го прескокнуваме: фактите се важни, но чувствата се реалност. Ако детето чувствува страв, тага или срам, тоа не е „драма“ – тоа е внатрешен свет што бара потврда. Не мора сѐ да се поправи; понекогаш е доволно само да се види.
Нежноста е сила, а вниманието – најчистиот облик на љубов
Ќерките не нѐ учат само како да бидеме подобри родители, туку и како да бидеме подобри луѓе: да не трчаме секогаш по победата, да не зборуваме кога треба да прегрнеме, да не бидеме заробени во рутина и да не ги игнорираме емоциите затоа што се „непрактични“.
Можеби најголемата лекција е токму оваа: во свет во кој мажите често мислат дека мора сѐ да издржат, ќерките нѐ учат дека нежноста е сила, а вниманието – најчистиот облик на љубов.


