Пендаровски нема да формира нова политичка партија – се жали дека власта му го злоупотребува името
Поранешниот претседател вели дека неговото име се злоупотребува во пропагандни цели, додека од СДСМ тврдат дека станува збор за координирана кампања против партијата.
Поранешниот претседател Стево Пендаровски ги отфрли информациите дека се подготвува за формирање нов политички субјект, оценувајќи дека станува збор за шпекулации со политичка позадина.
Препорачано
Реакцијата доаѓа откако во јавноста се појавија информации дека Пендаровски остварува средби и консултации со соработници и јавни личности со цел креирање нова политичка платформа за настап на избори.
– Се работи за шпекулација излезена од лабораторијата на власта во која моето име е сосема свесно злоупотребено во контекст на нивната пропаганда против најголемата опозициска партија СДСМ. Познавајќи ги добро, сигурен сум дека ова нема да им биде последен таков обид – изјави Пендаровски за „Слободен печат“.
Паралелно, во интервју за БИРН, Призма, Пендаровски ја анализира актуелната политичка состојба, посочувајќи дека постои јасен дисбаланс меѓу падот на поддршката на власта и неспособноста на опозицијата да го искористи тоа.
– Кога не успеавте тоа да го направите, рецептите се јасни – или ја менувате политичката стратегија и пристапот кон граѓаните, или носите нови луѓе кои ќе знаат да допрат до различни слоеви од гласачкото тело – вели Пендаровски.
Тој предупредува дека со актуелниот тренд, СДСМ може да се соочи со сериозни последици.
– Постои реална опасност партијата да оди кон исчезнување или да влезе во статистичка маргина на грешка – додава Пендаровски.
На овие негови ставови реагираше лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој оцени дека изјавите на поранешниот претседател се погрешно интерпретирани.
– Изјавата на Пендаровски е од пред неколку недели, а и не е таква каква што се претставува, извадена е од контекст. Тој дава максимална поддршка на тоа што го правиме во партијата – рече Филипче.
Тој смета дека станува збор за координирана кампања против него и партијата.
– Тоа е силна кампања на про-вмровските медиуми, агитатори и се занимаваат со СДСМ. Ако ние сме мртва партија, тогаш зошто 90 отсто од кампањата е против мене лично со навреди и со несоодветни зборови? – праша Филипче.
Според него, партијата бележи раст и ја намалува разликата со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
– Не само што не е мртва партијата, туку разликата помеѓу нас и нив сега е падната на 1,25 – рече тој.
Филипче посочи и дека СДСМ секојдневно објавува случаи на корупција.
– Секојдневно објавуваме скандали, коруптивни скандали и тендери кои водат до луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова е најкорумпирана Влада во Европа. Затоа прават црна кампања со мене и СДСМ – изјави Филипче.


