Пендаровски и семејството уште во Автокоманда, „Вила Македонија“ се реновира - Слободен печат
ВестиМакедонија

Пендаровски и семејството уште во Автокоманда, „Вила Македонија“ се реновира

Од кабинетот на Пендаровски откриваат што се набавува за новиот претседател.

Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, неговата сопруга и синот се уште живеат во станот во скопската населба Автокоманда, бидејќи „Вила Македонија“ не е спремна да ги прими. Од кабинетот на Пендровски, кој на функцијата стапи на 12-ти овој месец, во изјава за „Слободен печат“ велат дека вилата ќе се варосува пред претседателот и неговото семејство да се преселат таму. Поголеми набавки не се планираат освен купување на нова постелнина и слични работи.

„Во моментов се реализира адаптација на објектот пред вселување на претседателот Пендаровски и неговото семејство, во контекст на основни промени (постелнина, варосување). По завршување на постапката која ја спроведува СОЗР, претседателот Пендаровски со семејството ќе се всели во Вила Македонија“, се вели во одговорот од неговиот кабинет.

Пендаровски во интервју што го даде по неговиот избор за претседател рече дека решил да живее во претседателската вила за да не им пречи на соседите во зградата во Автокоманда, со мерките за обезбедување што задолжително се преземаат за заштита на претседателот на државата.

Од кабинетот на Пендаровски информираат и дека во кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов имало 51 вработен во администрацијата, тројца функционери (Претседател, генерален секретар и заменик генерален секретар) и 5 посебни советници. Во систематизацијата на кабинетот на претседателот на државата се предвидени 99 работни места.

Претседателот на државата Стево Пендаровски го формираше својот кабинет, а дел од неговите нови соработници, иако во транзиција на своите работни места, сепак официјално беа соопштени на средбата на Претседателот со медиумите.

Комплетиран кабинетот на Пендаровски: Десет луѓе ќе го советуваат новиот претседател

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close