Пелени и градежен шут, наместо во канти за отпад, завршуваат во канализација

Одржувањето на системот за одведување урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување.

Градежен шут, чаршафи, пелени, влажни марамчиња, мрши од животни, штици и шипки – ова се само дел од работите кои несовесните граѓани наместо во кантите за складирање на отпад, ги фрлаат во канализацијата, со што, прават огромна штета и многубројни проблеми во целокупната канализациска мрежа. Иако ваквата појава е многу почеста во приградските населби, сепак, неретко, екипите на ЈП „Водовод и канализација“ се принудени да работат на терен и да ги одзатнуваат канализацискиот систем и во централното градско јадро.

Токму затнатата канализациона мрежа прави најголеми проблеми во деновите од годината кога има обилни врнежи. Во тој период многу често граѓаните забележуваат како шахтите наместо да ја собираат насобраната вода, од нив, во огромни количества се излева нечиста вода.

Последен пример за ваквото недолично однесување на одредени поединци екипите на ЈП „Водовод и канализација“ забележале на улицата Никола Русински каде што работеле на расчистување на затнати шахти.

-Екипите на секторот канализација, на улицата Никола Русински работеа на чистење и одзатнување шахти затнати како резултат на влажни марамчиња, штици и шипки, односно неодговорно однесување на корисниците. Апелираме ваквото неодговорно однесување да се запре за доброто на сите корисници, како и заштита на средината во која живееме. Опасноста од ваквото однесување не е закана само за канализацискиот систем, туку е и закана по животната средина и здравјето на луѓето – истакнаа од сектор Канализација во ЈП „Водовод и канализација“ .

Од ова јавно претпријатие апелираат граѓаните да се однесуваат одговорно кон селекцијата на отпадот, негово рециклирање и правилно одлагање.

– Апелираме граѓаните за одлагање на кабастиот отпад да се обратат до општинските комунални служби или до ЈП „Комунална хигиена“. Сите корисници на услугите на претпријатието, односно на канализацискиот систем, во него да не одлагаат отпадни материјали кои не се подложни на разложување (како влажни марамчиња, најлони…), предмети од домаќинствaта и кабаст отпад, со цел заштита на системот, негова нормална функционалност и превенција од затнување и излевање на отпадната вода – велат од ова јавно претпријатие.

Надлежните се децидни дека за да се реши овој проблем, потребно е граѓаните да бидат свесни за опасноста од ваквите нивни постапки, но и за штетата што се прави од ваквото несовесно однесување. Според нив, луѓето треба да реагираат соодветно и да се потсетат дека цевките за одведување на отпадни води не се депонија во која може да се одложува отпад, па таму тој да се селектира, разградува, па и да се рециклира.

Колку за потсетување, во последните години постојано има кампањи од многу чинители во општеството за правилно одлагање на отпадот и кои се последиците од несоодветно однесување во однос на ова прашање. Последната кампања на ЈП „Водовод и канализација“ по однос на ова прашање „Биди одговорен, однесувај се совесно“ беше во текот на август 2020.

– Нашите екипи често се сведоци на затната канализациска мрежа, а причина за тоа е неправилно одложен отпад од домаќинствата, градежен шут, кабаст отпад и други предмети. Канализацискиот систем не е депонија. При неодговорно и несовесно одлагање отпад во системот за одведување урбани отпадни води, се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина. Затоа „Биди одговорен, однесувај се совесно“, заштити го канализацискиот систем, здравјето и животната средина. Правилно одложувај го отпадот – селектирај го за да се рециклира и реупотреби – истакнаа тогаш надлежните од  ЈП „Водовод и канализација“.

Според нив, одржувањето на системот за одведување урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот