Пекинг: Продажбата на американско оружје на Тајван ги нарушува односите на Кина и САД
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека евентуалната продажба на американско оружје на Тајван ќе нанесе силен удар врз кинеско-американските односи и дека Пекинг ќе подготви соодветен одговор во зависност од развојот на ситуацијата.
Портпарол на кинеското Министерство ова го изјави по информацијата што ја соопшти Пентагон дека Стејт департментот одобри продажба на современо оружје на Тајван и дека станува збор за три системи – сензори, ракети и артилерија, во вкупна вредност од 1,8 милијарди долари.
Стејт департментот формално го извести Конгресот дека Тајван треба да купи, меѓу другото, 11 најсовременимобилни ракентни лансери од корпорацијата „Локид Мартин” по цена од 436,1 милиони долари, како и 135 ракетни системи земја-земја од компанијата „Боинг”, со вкупна вредност од околу 1,01 милијарди долари.
Пакетот вклучува и беспилотни летала „Џенерал Атомикс”, противбродски ракетни системи „Харпун” и ракети за секој од овие системи.
Кинеското Министерство за надворешни работи минатата недела соопшти дека продажбата на американско оружје на Тајван сериозно ги нарушува кинескиот суверенитет и безбедност.
Тајван е кинески автономен регион чија независност ја признаваат само околу 15 земји во светот, вклучувајќи ги и САД.
Извор:МИА