Педесет прехранбени производи ќе добијат пониски цени

Крешник Бектеши / Фото: Фејсбук

Мерките ќе бидат и за дистрибутерите и за увозниците, кои исто така ќе имаат средба со Бектеши. Според министерот за економија, ова е прва фаза, бидејќи инфлацијата најмногу ја билдаат производите од прехранбената индустрија, а ако има потреба ќе следуваат одлуки за намалување и на цените во другите сектори

Педесет прехранбени производи од идната среда ќе добијат поевтини цени за најмалку 10 отсто, а референтна ќе биде цената од еден од претходните месеци. Одлуката ќе се донесе на редовната владина седница, а од среда пазарните инспектори ќе бидат постојано на терен. Инаку, повеќе од 90 отсто од производите се со 5 отсто ДДВ, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со претставниците на 8 најголеми трговски синџири во земјава.

Тој, посочи и дека до крајот на наредната недела, ќе биде готово и новото законско решение за нефер трговски практики, каде што ќе се укинат речиси над 20 отсто од одредени давачки во трговскиот синџир, почнувајќи од производството, па сè до малопродажбата, што дополнително ќе влијае во намалувањето на цените. Мерките ќе бидат и за дистрибутерите и за увозниците, кои исто така ќе имаат средба со Бектеши.

Според министерот за економија, ова е прва фаза, бидејќи инфлацијата најмногу ја билдаат производите од прехранбената индустрија, а ако има потреба ќе следуваат одлуки за намалување и на цените во другите сектори. По состанокот со Бектеши, ниту еден од трговците не се појави пред новинарите да го изнесе својот став за најновите одлуки на Владата.

– Освен одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи, Министерството за економија ќе направи измени и на Законот за Државниот пазарен инспекторат, со што ќе се зголемат надлежностите на инспекторите за да може веднаш да постапуваат без да чекаат одредени процедури. Мора да ги пофалам сите трговци за нивната кооперативност, а така очекувам да се однесуваат и останатите пазарни играчи – додаде Бектеши.

И покрај реакцијата на Организацијата за потрошувачи, министерот за економија, беше дециден дека нема да се повлечат од одлуката за забрана на акциската продажба бидејќи има членови во Законот за трговија и за заштита на потрошувачите, кои го дозволуваат тоа.

– Оваа точка ќе се разгледа денес или утре. Маркетите стануваат сè поопштествено одговорни и тие се подготвуваат пред измените да стапат на сила и зошто да не уште преку викендов да ги намалат цените. Ако стават ознака кај производот дека намалувањето е поради истекот на рокот на траење, за потрошувачите да биде јасно дека не се работи за сеопфатна акција, тогаш ќе им биде дозволено. Во спротивно ќе бидат казнети, а тој субјект може да биде и затворен – објасни Бектеши.

Според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, уште сега имаат одредби што им дозволуваат освен глоби, привремено да затвораат објекти и да одземаат стока, но побара да се почека одлуката на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот