Патувањата ќе бидат зачинети со плус 7 евра од човек?

Патници на Скопскиот аеродром ТАВ/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Доколку се воведе ваквата такса, јасно е дека тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат. Уште полошо е што таа ќе се совпадне со летните одмори, за кои има најголем интерес од нашите граѓани, велат дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“

Туристичките агенции сè уште немаат добиено официјален допис за дополнителните 7 евра за влез на македонските граѓани во европските земји и засега само ги следат првичните информации од медиумите. Дел од нив за „Слободен печат“, велат дека сè уште не знаат какви информации ќе треба да достави еден патник од Македонија во земјите на ЕУ, од 10 ноември годинава за формуларот што го воведоа, но велат дека покрај на патниците и ним ќе им се усложни работата.

– Допрва ќе видиме како изгледа системот за влез/излез (ЕЕС), односно евиденција за влез во 30-те земји за патниците на кои не им е потребна виза за влез во Европската унија – велат туроператорите. Тој систем или запис е бесплатен како што предвидува ЕУ и е првиот чекор или пробен период за воведување дозвола за пристап до земјите членки преку Европскиот систем за информации и авторизација (ETИАС) следната пролет – велат во една туристичка агенција.

Туристичките работници се надеваат дека навреме ќе ги добијат потребните информации за да ги предупредат клиентите, особено оние што патуваат за Грција.
Минатата година Грција ја посетиле 1,1 милион туристи од Македонија, бројка што е нешто помалку од двојно поголема споредбено со 2022 година, во согласност со податоците од Институтот на Асоцијацијата на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ). Македонија и овој пат е меѓу првите 15 држави според бројот на туристи и останува без промени на 11-та позиција, иако драстично е зголемен бројот на посетители од нашата земја.

– Сè уште чекаме официјално известување, па немаме детални информации како ќе се одвива пополнувањето на документацијата и дали навистина ќе стартува ова плаќање. И ние сме во недоумица бидејќи има повеќе отворени прашања, кои секако мора да се одговорат пред сезоната. Доколку се воведе ваквата такса, јасно е дека тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат. Уште полошо е што таа ќе се совпадне со летните одмори, за кои има најголем интерес од нашите граѓани – велат во дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“.

Регулативата за оваа дозвола ќе се применува од мај 2025 година за патување во вкупно 30 европски земји: за сите членки на ЕУ, освен Ирска и Кипар, како и Лихтенштајн, Норвешка, Исланд и Швајцарија. Регулативата ќе важи за патници од 60 земји, вклучувајќи ги САД, Австралија, Велика Британија, Украина, Јапонија, Бразил, Аргентина, како и земјите од Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Албанија. Туристичките работници стравуваат дека задржувањето на сите гранични премини, без разлика дали се на копно, на вода или на аеродром, ќе трае подолго од претходно, бидејќи прстите и лицето треба да се скенираат за евиденција за влез, па прашање е дали сите патници лесно го пронаоѓаат својот пат, слушајќи ги упатствата.

За ЕТИАС се зборува 8 години

Претседателот на Собранието на Националната асоцијација на туристички агенции (ЈУТА) на Србија Владимир Влахо изјави дека веќе осум години се обидуваат да ја воведат дозволата за ЕТИАС и дека секоја година е „иста приказна“, но дека досега не е спроведена.

– Сè уште немаме став дали агенциите ќе наплатат ако на патниците им обезбедиме услуга за пополнување формулари за евиденција или дозволи за ETИАС – рече Влахо за агенцијата Бета. Новото правило за известување, кое ќе се применува од 10 ноември, е, како што објаснија европските претставници, „прашање на снимање, а не на верификација“. При влез во 30 европски земји ќе се регистрираат името на патникот, типот на пасош, биометриските податоци како отпечатоци од прсти и фотографии од лицето, како и датумите и местата на влез и излез. Откако ќе се пополни, формуларот ќе важи три години, но ќе се проверува секогаш кога ќе ја преминете границата, па нема да има потреба да ставате печат во пасошот. Исклучок меѓу членките на Европската унија ќе бидат Кипар и Ирска, каде што ќе остане на сила печатот на пасошите.

ЕТИАС-одобрението ќе биде валидно за неограничен број влегувања во ЕУ во рок од три години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот