Пасошите може да ѝ нанесат сериозен удар на летната сезона

Фото: Слободен печат

Во дел од туристичките агенции веќе има откажување на аранжманите поради стравот на граѓаните дека нема да успеат навреме да извадат пасош.

По ударот со коронавирусот и пасошите почнаа да им прават проблеми на туристичките агенции. Тие страхуваат дека ќе се соочат со намален број туристи за Велигден, како и за летните одмори.

Според агенциите со кои контактираше „Слободен печат“, повеќе клиенти уште сега си ги планираат летните одмори, па доколку кризата со пасошите продолжи и во следниот период, тоа би можело да нанесе сериозен удар на целата летна сезона, која е најважна за туристичките агенции.

– Точно, имаме откажувања поради пасошите, затоа што имаме патници што претходно имаат уплатено аранжмани, кои не очекувале дека ќе дојде до оваа ситуација. Доколку не се реши ова прашање во скоро време, можно е да се соочиме со многу непријатна ситуација – велат од туристичката агенција „Савана“.

Од агенцијата велат дека особено проблематични се аранжманите за некои дестинации, како на пример Египет, каде што е потребно пасошот да има важност од минимум шест месеци. Тука се и сите други европски дестинации, каде што патната исправа треба да е со важност од три месеци.

– Ние искрено се надеваме дека до крајот на март, како што беше ветено, ќе стигнат доволни количини на обрасци за да се надмине оваа ситуација. Во спротивно, ова би можело да има сериозни економски импликации врз нашето работење и би имале загуби – додаваат од агенцијата.

Оттаму објаснуваат дека и клиентите што уплатиле, ако не успеат да го реализираат патувањето, непотребно ќе потрошат пари. Особено ова важи доколку патувањето го откажат на неколку денови пред тргнувањето. Агенциите објаснуваат дека тие имаат трошоци, мора да платат за тур-операторот со кого соработуваат или за хотелот. Затоа и во сaмите договори меѓу агенцијата и странките се предвидени отказни пенали.

Од туристичката агенција „Аурора“  велат дека сè уште нема откажувања поврзани со пасошите.

– Но често се јавуваат клиентите, кои прашуваат што доколку не можат да извадат нова патна исправа и слично. Нашите аранжмани најчесто почнуваат од јуни и се надеваме дека дотогаш ќе се реши овој проблем –  велат од „Аурора“.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека во моментов има уште 3.050 обрасци за патни исправи. До комисијата што одлучува за приоритет на издавање пасоши заклучно до 25.2.2020, примени и разгледани се вкупно 477 барања. Од нив се одобрени 83. Оттаму потврдуваат дека се прават сите напори ветените 100.000 обрасци за 24 март, да пристигнат порано од овој датум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот