Изложбата ќе се одржи на 1 ноември во „Отворено графичко студио“ при Музејот на град Скопје

„Партизанска штампа“ во МГС ќе презентира графики и книги изработени во сито печат

Во галеријата „Отворено графичко студио“ при Музејот на град Скопје (МГС) на 1 ноември, во 20 часот, „Партизанска штампа“ ќе ја претстави изложбата „Чергари, патници“ – уметничко патување низ архетипите на колективната меморија, традиционалната македонска орнаментика и современата графика. Проектот опфаќа изложба на графики и книга во сито печат, создадени во изминатата година во студиото на „Партизанска штампа“.

Инспирирана од визуелниот јазик на народниот вез и неговата симболика, изложбата го следи патот од локалното кон универзалното, од декорот кон симболот, од чергата кон космосот. Во неа орнаментот не е само украс, туку жив симбол – кодиран запис на културното несвесно каде се среќаваат животот, сонцето, телото и духот, минатото и сегашноста.

Во јунговска смисла, патникот е архетип на индивидуацијата – оној што тргнува да ја сретне својата сенка и да ја преобрази во светлина. Во македонскиот јазик, патникот е и оној што страда, па изложбата „Чергари, патници“ ја поставува токму таа дихотомија: патувањето како создавање и страдање, како процес на препознавање на сопствената основа.

Музичка интерпретација на визуелното ќе претстават Јоана Ристеска, Иво Николовски, Борјан Гаговски, Тома Димовски, Марко Печеновиќ, Наталија Калајџиеска и Атанасија Гулевска, со настап во живо, а по нив ќе настапи „The Belly“ од Белград.

Проектот истовремено е и ретроспектива на десетгодишното работење на графичката работилница „Партизанска штампа“, која од 2014 година активно делува како занаетчиска платформа за современа графика и сито печат. Колективот развил повеќе од педесет соработки со автори и колективи од регионот и Европа, а неговите изданија и изложби се претставени во Белград, Берлин, Марсеј, Рим, Гетеборг, Веспрем и Скопје.

Во последните години, „Партизанска штампа“ го проширува својот израз преку текстил, фанзин-култура и алтернативни уметнички медиуми, градејќи силна платформа за независна уметност и експериментален графички израз на Балканот. Дел од инсталацијата „Чергари, патници“ беше премиерно претставена на фестивалот „Тендерете“ во Валенсија, оваа 2025 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 305, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот