Партиски реакции за скандалот со косовската претседателка: Дали Гаши и Исеини се одговорни
Опозициската ДУИ испрати реакција по скандалот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром при што од обезбедувањето имало обид насилно да ѝ се одземе мобилниот телефон при контролата за влез во авионот и директно ги посочија како одговорни претседателот на Собранието Африм Гаши и заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исеини.
Препорачано
„Експонентите на ВРЕДИ не само што различно го толкуваа настанот и бараа оправдување, туку беа демантирани од Кабинетот на Вјоса Османи, од МВР и од концесионерот ТАВ. Дивото и недозволиво однесување на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието по налог на Африм Гаши, како и институционалното незнаење на Астрит Исен, кој не ни бил информиран за скандалот е неприфатливо. Овој скандал мора да се расчисти до крај и веднаш да сносат политичка одговорност нелегитимните узурпатори на институциите, Астрит Исени од МВР и Африм Гаши од Собранието“, пишува во соопштението до медиумите на ДУИ.
ДУИ тврдат дека Албанците не се ниту заштитени, ниту адекватно застапени во моноетничката власт, а ВРЕДИ како губитници на претседателските и на парламентарните избори се целосно потчинети и сервилни.
„Нема да дозволиме понижување и срам за Албанците од вазалите и миленици на ВМРО ДПМНЕ, а не на народот“, реагираат од ДУИ.
СДСМ очекува во најкус рок МВР и внатрешна контрола да излезат со детална информација во јавноста што точно се случило на скопскиот аердром во инцидентот со косовската Претседателка.
-МВР мора да информира каква била улогата на лица од обезбедувањето на Претседателот на Собранието Африм Гаши и согласно законите да поведе постапки против оние кои ги прекршиле овласувањата. Доколку ова не го направи, тоа ќе биде јасна потврда дека се кријат фактите со цел да се заштитат меѓукоалициските односи, соопштија од СДСМ.
Опозициската СДСМ нагласува дека располага со целосни информации за тоа што точно се случило и доколку МВР се обиде да ги филува фактите, се ќе биде објавено.
-Истрагата за овој случај не треба да претставува никаков проблем за МВР и Обвинителството бидејќи аеродромот е под целосен видео надзор и без проблем може да утврдат сите детали. Во целата оваа скандалозна и конфузна ситуација ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молчат. Додека беа во опозиција хистеријата која ја креваа беше неподнослива, но сега се скриени во глувчешка дупка и се надеваат дека кризата ќе ги одмине. МВР наместо транпарентно да информира веднаш по настанот кој се случил утрото, чекаше медиумите да ја откирјат приказната за да пушти штуро соопштение за јавност. Ваквата нетранспарентност јасно сугерира дека идејата е да се стават работите под тепих, реагира СДСМ.
Претседателството на Република Косово во петокот излезе со соопштение до јавноста во кое ја изразува својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“ по инцидентот со претседателката Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека во петокот упатило протестна нота до Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи.


