Партиите со обвинувања кој е виновен што Скопје потона во ѓубре

Полни контејнери во Карпош

Повеќе партии денеска испратија соопштенија со свои видувања и обвинувања за тоа кој е виновен што Скопје потонува во ѓубре, кое екипите на „Комунална хигиена“ од петокот не го собираат од контејнерите заради протест на дел од вработените поради ниските плати.

Според владејачката СДСМ, локалната власт во Скопје е најнеспособната досега.

– Локалната власт на ДПМНЕ во Скопје е најнеспособната досега. Наместо развој и модернизација како што Христијан Мицкоски ветуваше пред граѓаните кога ја бараше поддршката, на главниот град постојано му се случува нов хаос, одново и одново. Овој пат ДПМНЕ создаде хаос со сметот, Скопје се гуши во ѓубре. ДПМНЕ треба итно да преземе нешто, да се надмине проблемот и да се обезбеди функционалност на ЈП Комунална хигиена. Скопјани ваков однос не заслужуваат. Скопје ова не го заслужува – рече Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје.

Таа повика „градоначалниците на ДПМНЕ во Скопје да земат нешто да работат и да помогнат во чистењето на ѓубрето“.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека премиерот Димитар Ковачевски и градоначалничката Данела Арсовска треба да се договорат да го исчистат Скопје, „исто како што се договараат за тендери“.

– Скопје тоне во ѓубре, Ковачевски и Арсовска да се договорат да го исчистат исто како што се договараат за тендери. Како што беа сложни Ковачевски и Арсовска кога советниците на СДС и ги гласаа финансиските програми, така да бидат и сега и да го исчистат Скопје. Како што беа сложни со тендерот за гориво во ЈСП, така нека се сложни и сега и да го исчистат Скопје. Ковачевски и Арсовска го заглавија градот Скопје, секој месец нови проблеми – соопшти партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Од ЛДП ја повикаа градоначалничката Арсовска итно да го реши проблемот.

– Аматеризам и неспособност владее во Скопје, од кој најголема цена плаќаат граѓаните. Либерално-демократската партија е крајно изненадена и затекната од моменталната состојба со ЈП „Комунална Хигиена“ и последните случувања во јавното претпријатие задолжено за одржување на градската чистота. Два дена откако директорката на претпријатието се закани со отпуштање на неколку стотини вработени, главниот град се гуши во запуштено ѓубре и смет. Расфрланиот отпад околу кантите за отпадоци и контејнерите е ужасна глетка, но и претставува потенцијален извор на разни болести и зарази. Апелираме до менаџментот на ,,Комунална хигиена“ и раководството на Град Скопје, час поскоро да ја сфатат сериозно ситуацијата, да најдат начин и да ја изменаџираат состојбата со запуштените контејнери – велат од ЛДП.

Правото на здрава и чиста животна средина, додаваат, е основно човеково право и ниту во еден случај не смее да биде предмет на теснопартиски интереси и средство за собирање политички поени.

– Доколку нема поместување на позициите, со брзи и ефикасни решенија, ЛДП преку своите претставници во локалните совети во Градот Скопје и општините и во рамки на своите надлежности, ќе преземе конкретни чекори за расчистување на отпадот и враќање на состојбата во нормала. Граѓаните се поважни од политичките суети – соопшти ЛДП.

Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ синоќа излегоа на протест со барања за повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа. На протестот се појави директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Николиќ Мазнева и побара работниците да го прекинат штрајкот и да се вратат на работа. Таа им вети на вработените дека ќе добијат К-15, а разговорите ќе продолжат од понеделник. Полицијата информираше дека околу 50 лица протестирале синоќа пред капијата на „Комунална хигиена“ како и дека им е пријавено дека дел од вработените ги попречуваат влезот во претпријатието и останатите вработени во извршувањето на работните обврски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот