Партиите први да замолкнат, говорот на омраза e штетен

Говор на омраза/Фото: Sergei Babenko / Alamy / Alamy / Profimedia

Нема гаранции дека може да се искорени говорот на омраза, но може да се крене јавната свест за неговата разорност. Први во таа практика треба да бидат политичарите, вели Бојан Кордалов од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Тешко се искоренуваат дискриминирачкиот говор и говорот на омраза во интернет-просторот, но не е можно да се создаде инклузивно општество ако со навреди и напади се спречува дебатата на која било тема, затоа што здравата политичка и општествена дебата е основа за развој, констатираат комуниколозите во врска со растечкиот тренд на овие негативни појави.

Според Бојан Кордалов од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) треба многу да се работи во борбата против дискриминирачкиот говор. Нема гаранции дека може да се искорени, но може да се крене јавната свест за неговата разорност. Први во таа практика, вели тој, треба да бидат политичарите.

– Пиар-центрите во политичките партии се ветер во грб за дискриминирачкиот  говор и за говорот на омраза во сите форми. Тоа граѓаните го сфаќаат како сигнал и тие да се однесуваат така, антагонистички да говорат, затоа што штом политичарите и одговорните не водат сметка за изреченото во јавниот дискурс, тогаш што останува за обичниот граѓанин. Секојдневниот говор на политичарите и партиите кој изобилува со навреди, омаловажувања, напади и слично го полнат јавниот простор со дискриминирачки говор и со говор на омраза, медиумите пренесуваат, а потоа политичарите ја префрлаат одговорноста и ги обвинуваат медиумите дека се тие виновни на таквиот говор – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Политичарите мора да разберат, додава тој, дека со нивниот говор за ќарување ситни поени и ниското ниво на дебата, практично, ја уништуваат инклузивноста на комуницирањето. На социјалните медиуми има масовна појава на говор на омраза и дискриминација од политички, верски, етнички  карактер, граѓаните учествуваат во тоа, но најголемата одговорност е на партиите.

– Не можеме да изградиме инклузивно општество ако не се освестиме за ова.

Видете ги дебатите, односно коментарите под објавите на партиите или на институциите по социјалните мрежи. Ако има критика за министерот, за лидерот и слично, ако некој обвинува дека институцијата не работи добро, модераторите тоа го бришат. А ако под објавите има говор на омраза, навреди кон опонентите или кон кој било, тоа не го бришат. А треба спротивно, кртитиката да се храбри, говорот на омраза да се брише – вели Кордалов.

ИДУЕП, заедно со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во четвртокот одржаа дебата под покровителство на претседателот Стево Пендаровски во неговиот кабинет, која, како што објасни Кордалов, всушност е иницијатива за формирање на национална платформа за борба против дискриминирачки говор и говор на омраза во интернетскиот простор.

– Намерата ни е во националната платформа да ги вклучиме сите чинители – младите, но и подмладоците на политичките партии со цел тие во иднина да бидат носители на инклузивната дебата во општеството – вели Кордалов.

Претседателот Пендаровски истакна дека сите фактори во општетството треба да се обединат во борбата против дискриминаторските содржини во јавниот говор, а спречувањето на оваа појава да стане национален приоритет.

– Комуникацијата не смее да биде сведена, како сега, во голем дел на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза. За таа цел, превенцијата е клучна. Не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата. Мораме да ја вратиме пристојноста во комуницирањето и да ја мериме тежината на нашите зборови. За жал, токму на интернет-просторот каде што не постојат физички бариери, сè помасовни се примерите на омаловажување, напади без основа, клевети – истакна тогаш Пендаровски.

Тој додаде и дека дискриминацијата не препознава етничка или религиска припадност, пол, род или сексуална ориентација и еднакво боли и ја повредува секоја личност.

КСЗД и ИДУЕП во јуни потпишаа меморандум за соработка за меѓусебна поддршка во националната борба против дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет-просторот. Целта е да се поддржи работата на КСЗД и да се создаде поширока платформа на организации и други

општествени чинители во процесот на изнаоѓање на успешни решенија и

практики, односно автентичен национален модел за ефикасно справување

со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави на интернет.

Бугарски здруженија поднеле 13 претставки за говор на омраза

Во КСЗД пристигнале 13 претставки од бугарски здруженија и граѓани. Игор Јадровски од Комисијата вели дека најчесто се однесуваат на говор на омраза по социјалните мрежи, а една претставка е за дискриминација на работа.

– Заклучно со јуни имаме 13 претставки за дискриминација врз лица од бугарска етничка припадност. Во два случаи е утврдено вознемирување, во еден не, осум претставки се разгледуваат, а има и претставки што се отфрлени поради неуредност. Законот кажува кои се основните работи што треба да ги содржи една претставка за да може Комисијата да постапува – рече Јадровски.

Најголемиот дел од претставките главно се од областа на работни односи, потоа за пристап до добра и услуги, како и пристап до здравствени и социјални услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот