Артан Груби Фото: Фејсбук Груби

Партиите наддаваат кои политички „капиталци“ ќе паднат по враќањето на Груби

ВМРО-ДПМНЕ удира по Заев, Филипче, Спасовски и Зечевиќ како „ортаци по криминал“ на Груби; Вреди чека да „падне главата на Ахмети“; СДСМ ги прозива Тoшковски и Христовски за нарачатели на домашниот притвор, а Левица го прозива в.д. државниот обвинител Тополова- Исајловска, „фаворитот на ВМРО-ДПМНЕ за иден републички обвинител“

Нервоза дека поранешниот вицепремиер Артан Груби е вратен за да „пропее“ и јавна лицитација чии политички глави ќе „паднат“, се темите на политичката сцена по враќањето на Груби во земјава откако повеќе од една година беше во бегство. Главен аргумент на опозицијата е дека враќањето на Груби е пазар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ веќе смести на обвинителна клупа поранешни функционери на СДСМ, додека Вреди се надева дека лично Груби политички ќе го „егзекутира“ лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека апсолутно го разбираат и го оправдуваат револтот на граѓаните по одлуката за куќен притвор за Груби. Тој ги пофали владините институции што си ја завршиле работата и го довеле Груби пред лицето на правдата, а го обвини Судот за соучесништво во неправдата.

Бране Петрушевски Фото: партија

– Но поважно е дека СДС, партијата што соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплаши до срж, затоа што не знаат што сè Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други – рече Петрушевски.

Според него, Груби е ортак во криминалите на Заев, Филипче и Спасовски и сите ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.

– Судскиот процес за Груби почнува допрва, по судските клупи друштво ќе му прават и сите негови криминогени ортаци – рече Петрушевски.

Владиниот партнер Вреди се надева дека ќе „падне“ главата на Ахмети, бидејќи Груби не бил обичен функционер, туку извршител, координатор и доверлив човек за сите клучни одлуки во изминатите години.

– Стариот лисец Али Ахмети од вчера, од мајстор на политичкиот занает, стана ранет играч што чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник. Од заткулисни договори, преку сомнителни тендери, до политички пазари, Груби беше присутен секаде каде што се кроеше моќта на ДУИ и затоа се во паника. Стравот не е од правдата, туку од тоа што Артан Груби знае премногу – велат од Вреди.

Али Ахмети, кампања Фото: Фејсбук Груби

Според нив, враќањето на Груби не е крај на процесот, туку почеток што може целосно да го разобличи функционирањето на ДУИ.

– Прашањето не е дали ќе има политички последици, туку колку длабоки ќе бидат тие. Ако црната кутија е Груби, тогаш нејзиното преслушување значи директен удар врз Ахмети. И додека јавноста очекува правда, останува да се види кој сè ќе мора да понесе одговорност во деновите што следуваат – велат од Вреди.

Опозицискиот СДСМ го потсети ВМРО-ДПМНЕ дека министерот Панче Тошковски и директорот на АНБ Бојан Христовски дале процена за (не)безбедноста на Груби, а обвинители назначени од ВМРО-ДПМНЕ ја реализирале. Според СДСМ, во обидот „да се испере“ за „скандалозната“ одлука, Обвинителството директно го закопало премиерот Христијан Мицкоски, од кого бараат јавно да каже што ќе добие ДУИ за возврат.

– Министерството за внатрешни работи, раководено од Панче Тошковски од ВМРО-ОКГ, и Агенцијата за национална безбедност, раководена од Бојан Христовски, исто така од ВМРО-ОКГ, дале процена дека Груби „не бил безбеден во Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор. Не е прашањето дали државата не може да гарантира безбедност во притвор. Ова е уште една потврда дека сè е договорено однапред. Режираното сценарио за реализација на „дилот“ меѓу ВМРО и ДУИ се случува пред очите на јавноста – велат од СДСМ.

Александар Саша Димитриевиќ Фото: партија

Генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитриевиќ смета дека со ова правната држава е целосно погребана.

– Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено. Затоа Обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Го сменија јавниот обвинител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Предметен обвинител за овој случај е Даниел Коцев, а негов шеф обвинителот Анел Фидоски. Тој беше избран за одговорен на најголемото Обвинителство на 20 јануари годинава. Очигледно доаѓањето на Груби временски било темпирано. Само уште да видиме што ќе добие ДУИ за возврат – вели Димитриевиќ.

ДУИ, пак, ги обвини партиите дека го политизираат случајот и создаваат хистерија, линч и однапред му пресудиле на Груби.

– Тие целосно ја преземаат улогата на обвинители и судии, расфрлајќи се со мерки за претпазливост, јавно повикуваа на линч на претставниците на Обвинителството и на Судот, без никакво елементарно почитување на принципот на пресумпција на невиност. Ова го прават и партии што се дел од власта што упатува на директно мешање од извршната во судската власт. Ги повикуваме Судот, Обвинителството и сите надлежни органи да не потпаѓаат под политички притисоци и да постапуваат исклучиво врз основа на закон и докази – велат од ДУИ.

Левица смета дека на Груби, по 14 месеци во бегство, наместо да му се засили притворот, добил поблага мерка.

 

Фото: Левица

– Загрижува фактот што јавноста доби две спротивни објаснувања во краток временски рок. Прво беше соопштено дека нема поплаки за небезбедност, а потоа Обвинителството се повика на „индиции“ за загрозена безбедност како основа за замена на мерката со куќен притвор. Одговорноста за оваа одлука е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, која важи за фаворит на ВМРО-ДПМНЕ за иден републички обвинител – велат од Левица.

Лидерот на владејачката ЗНАМ, Максим Димитриевски оцени дека невиден преседан е определувањето на мерката куќен притвор за Груби.

– Оваа одлука само ги потврдува нашите ставови и како политички субјект и моите лични ставови во делот на нефункционалноста на судскиот систем. Недозволиво е лице кое подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и да му се изрекува мерка притвор и истото од распит завршува дома. Сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани. Но, оставам на институциите на системот да се позанимаваат со ова што тоа значи. Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци истите да ги санкционира, во спротивно не се менува ништо – изјави Димитриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот