Партиите на Албанците на нозе: Костадиновски, оди си!
Претседателот на Уставниот суд се соочи со обвинувања дека ги надминал своите надлежности и брутално интервенирал во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата.
Партиите на Албанците се на нозе по одлуката на Уставниот суд да ги отфрли иницијативите за „Безбеден град“ и бараат итна оставка од претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, бидејќи, како што велат, ги надминал своите надлежности и брутално интервенирал во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата.
Жестоките реакции но и навреди упатени кон Костадиновски следуваат по неговиот став на седницата на Уставниот суд за иницијативите за Законот за прекршоци дека пораките за прекршоци треба да бидат на македонски и на англиски, но не и на албански јазик. Ова ја разгневи ДУИ, која порача дека Костадиновски е класичен пример на партиски војник што е подготвен да запали цела држава за тесни лични интереси. За владејачката Вреди, пак, актуелниот состав на Уставниот суд наликува на југословенска политичка елита.
Препорачано
– Тој покажа дека оваа институција е претворена во политичка алатка за поткопување на секое достигнување што произлегува од Охридскиот договор. Изјавите за проектот „Безбеден град“ дека СМС-пораките треба да се испраќаат само на македонски јазик, дека можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик, претставуваат отворен акт на дискриминација и сериозно кршење на духот и на самиот Устав на државата. Со ова претседателот на Уставниот суд не само што ги надминува своите надлежности, туку брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата – велат од ДУИ.

Партијата констатира дека вчерашната седница е уште една потврда дека судиите Албанци и судијата Турчин биле надгласани со што се враќаат практиките што потсетуваат на најмрачните времиња од деведесеттите години.
– Бараме итна оставка од Дарко Костадиновски и од секој судија кој ги дели истите дискриминаторски ставови во изминатите две години преку мајоризација. Во спротивно, тој ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи – велат од партијата на Али Ахмети.
Според ДУИ, Костадиновски е партиски војник што е подготвен да запали цела држава за тесни лични интереси.
Според опозициската партија, изјавите на Костадиновски не се изолиран инцидент, туку директна последица на политичката клима во државата и на слабата и заробена Вреди.
Од Вреди велат дека како легалисти иако сакале да не ја коментираат одлуката на Судот за да не се сфати како партиски притисок, сепак, како луѓе и како партија не можат да се оттргнат од впечатокот дека овој состав на Уставниот суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца.

– Употребата на албанскиот јазик е основно човеково право, кое е една од темелните вредности на Уставот. Државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата да биде известуван на својот мајчин јазик. Ова важи и за системот „Безбеден град“. Вреди останува на ставот дека кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку овој систем, таа има обврска тоа да го прави и на албански јазик. Ова не е прашање на политичка волја, туку уставна обврска и почитување едно темелно право. Затоа ќе го браниме овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема – велат од Вреди.
Освен официјалните реакции на партиите од албанскиот политички блок, повеќе актуелни и поранешни функционери бурно реагираа на социјалните мрежи за ставот на Костадиновски.
Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи побара Костадиновски веднаш да поднесе оставка. Пратеникот Ријад Шаќири смета дека кога Уставот е прекршен од тие кои треба да го штитат, владее анархија. За пратениците Зијадин Села вчерашната одлука е потврда за итноста на воведување Бадентер во Уставниот суд, за Илир Хасани исклучувачкиот јазик на Костадиновски, не е грешка, туку директен напад врз мултиетничноста зашто кога бранителот на Уставот се претвора во портпарол на национализмот, неговото отстранување останува единствениот начин да се спаси реформата на судството, додека Скендер Реџепи смета дека кога уставната правда паѓа на ниво на политички цинизам, државата паѓа на ниво на институционална неправда.


