Папучите се поразени
Македонецот е чудо. Ќе носи чевли во кеса, како за свадба. До врата ќе оди во папучи, пред институција ќе се пресоблече, ќе влезе достоинствено, ќе чека два часа и на крај ќе му кажат дека му фали уште една копија. Ќе излезе, ќе ги соблече чевлите, ќе ги облече папучите и ќе извика: „Пу! ***********“.
Државата конечно реши да се погледне во огледало, ама наместо себе, го виде граѓанинот. И не ѝ се допадна како е облечен. Не ја вознемири толку тоа што човек секојпат оди по документ со чувство на вина и со половина ден оставен на милост и немилост на шалтерскиот работник. Не ја вознемири ни тоа што граѓанинот често излегува од институција со чувство дека некој му направил услуга, а не дека си остварил право. Ја вознемирија папучите. Тие, изгледа, први го нападнаа достоинството на системот.
Препорачано
Министерството за внатрешни работи воведува кодекс за облекување за вработените и за граѓаните што доаѓаат во просториите на Одделот за граѓански работи.
Се согласувам, во институција не се оди како на плажа. Не се влегува по апостолки што прават „шлап-шлап“ по ходници. И тоа никој нормален не го оспорува. Има некоја основна култура што човек треба да ја носи со себе.
Не е тоа ни фашизам ни диктатура. Институција е институција. Човек треба да влезе пристојно, чисто, нормално. Ама, како и секогаш кај нас, проблемот не е во правилникот. Проблемот е во сценографијата, односно во тоа што МВР ни објавува кодекс за облекување со таков тон, како конечно да сме го решиле последниот голем проблем во државата. Уште папучите ни останаа. Сè друго средено. Чекалниците се климатизирани, шалтерите работат како песна, термините се точни до секунда, системот не паѓа, никој не те враќа по уште една копија, уште една уплатница, уште еден печат, уште едно „дојди вчера“.
И сега остана само да се справиме со апостолката, таа тивка анархистка. Влечката, непријател на институционалниот дигнитет. Кломпата, дрвен удар врз државниот поредок. Тренерките, закана за правната држава.
Замислете го човекот. Надвор 40 степени, Скопје испарува како тенџере грав заборавено на шпорет. Човекот тргнал да извади документ. Ги грабнал уплатниците, старата лична карта, две копии, три дијазепами и едно шише вода. Доаѓа пред врата. Таму, наместо прашање „дали имате термин“, прво следува поглед надолу.
„Господине, со овие сандали не може – ти ѕирка малото прсте“.
Смешното е што граѓанинот ќе го покрие прстето. Нема проблем. Следниот пат ќе дојде со чевли, со кошула, со панталони, можеби и со сако ако треба. Ќе изгледа како да оди на разговор за работа во амбасада. Ќе влезе достоинствено, мирно, уредно. И потоа ќе излезе надвор и ќе види полицаец со бели патики, друг со црни, трет со чизми, четврт со обувки што изгледаат како да ги освоил на томбола во ловечко друштво.
Еден со јакна од еден комплет, панталони од друг, маица што ѕирка од трета гарнитура. Униформата, во теорија, треба да значи ред. Кај нас понекогаш изгледа како групен проект во кој секој донел нешто од дома.
Не бараме полицаецот да личи на манекен, ниту шалтерскиот службеник како да излегол од каталог. Бараме само стандард. Ако граѓанинот не смее да влезе во институција со сандали, тогаш и полицијата не смее да излезе на улица во импровизирана униформа.
Зашто редот не почнува од граѓанинот пред врата. Редот почнува од оној што ја држи вратата отворена или затворена. И тука е целата поента. Кодексот е во ред. Ама нека не го продаваат како голема цивилизациска победа. Не сме станале Данска или Норвешка затоа што некого го вратиле поради апостолки. Не сме направиле реформа затоа што сме напишале дека папучите не се соодветни обувки. Тоа е како куќата да ти прокиснува, а ти гордо кажуваш дека си ја бојадисал оградата.
Институционален дигнитет не се брани само со забрана на кломпи. Се брани со систем што работи, но и со службеник што не те гледа како да си му го расипал денот затоа што си дошол да ја користиш услугата за која веќе си платил.
А граѓанинот? Тој ќе се приспособи. Македонецот е чудо. Ќе носи чевли во кеса, како за свадба. До врата ќе оди во папучи, пред институција ќе се пресоблече, ќе влезе достоинствено, ќе чека два часа и на крај ќе му кажат дека му фали уште една копија. Ќе излезе, ќе ги соблече чевлите, ќе ги облече папучите и ќе извика: „Пу! ***********“.
Затоа, да – нека има кодекс. Нека има пристојност. Нека не влегува секој како да дошол од теретана или ноќен клуб. Тоа е фер. Ама нека има и втор кодекс кој ќе важи и за државата.
Бидејќи, на крајот на краиштата, не е најстрашно ако граѓанинот влезе во институција во сандали. Пострашно е кога државата со години работи во опинци.
МВР воведува кодекс за облекување, граѓаните дотерани ќе чекаат ред на шалтер


