„Пајаците“ на ПОЦ креваат возила и на улиците што се граница меѓу две општини

ПОЦ пајак служба / фото: Слободен печат / Драган Митрески

Граѓани реагираат дека ПОЦ им подигнува возила и таму каде што нема надлежност, како на пример на улиците што се граница меѓу Центар и друга општина, какви што се Рузвелтова и Јужен булевар.

„Пајаците“ на јавните претпријатија „Паркинзи на Општина Центар“ и на „Градски паркинг“ секојдневно подигаат десетици неправилно паркирани возила на јавните површини низ Скопје. Автомобили оставени на зелени површини, на тротоари, на паркинзи наменети само за жителите, на одредена улица или пред објекти каде што не е дозволено паркирање само за „минутка да се тркне“ до маркет или до банка – се ситуациите што покажуваат дека на некои граѓани сериозно им недостасува сообраќајна „култура“, па и кога станува збор за правилно паркирање.

Отстранувањето и преместувањето на возилата секогаш се врши по налог на полицијата, а околу надлежностите, како што е познато, ПОЦ е активен на територијата на Општина Центар, додека надлежностите на „Градски паркинг“ се протегаат на територијата на целиот град.

Граѓани реагираат дека сепак Пајак-службата на ПОЦ им подигнува возила и таму каде што нема надлежност, како на пример на улиците што се граница меѓу Центар и друга општина.

Неодамна возилото ми го крена „пајак“ на ПОЦ, а бев паркиран на Јужен булевар од страната на Општина Кисела Вода. Ги затекнав додека го креваа возилото и морав да платам веднаш казна за да не ми го однесат во депо, притоа им укажав дека немаат надлежност да ми го подигнат возилото на страната каде што паркирањето е дозволено и не се наплатува. Но, џабе – револтирано ни ја раскажа својата случка Александар од Ѓорче Петров.

На прашањето дали „пајакот“ има надлежност да подигнува возила на цела улица на улиците како што е Рузвелтова, која е граница меѓу Карпош и Центар, или на Јужен булевар, од ПОЦ велат да, во ретки или во итни случаи.

– Возилата што се отстрануваат од улиците што граничат со соседните општини се третираат исклучиво по налог на овластено службено лице при Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција за јавни сообраќајни површини – велат од јавното претпријатие.

Оттаму прецизираат дека во случај на крајна итност, како што е пожар за да се обезбеди приод на пожарникарски возила или доколку треба да се ослободи простор за делегација, тогаш по налог на полиција ПОЦ може да интервенира и на локации што не се во негова надлежност. Полицијата почесто ги повикува, како што велат токму на „граничните улици“, а исклучително  ретко на други улици каде надлежноста е на „Градски паркинг“, којшто располага и со повеќе возила „пајак“.

Отстранувањето или преместувањето на непрописно паркираните возила на територија на Општина Центар го врши Пајак-службата, по издаден налог од овластено службено лице при Министерството за внатрешни работи – Сообраќајна полиција за јавни сообраќајни површини; и по исклучок, може да се изврши по барање на корисник на паркиралиштето доколку барателот за преместување или отстранување на возилото е корисник на резидентниот паркинг-простор под надлежност на претпријатието и возилото коешто треба да биде отстрането или преместено не е евидентирано под режимот на возила на резидентниот паркинг, односно нема валидна паркинг карта – го објаснуваат од ПОЦ секојдневното функционирање на Пајак-службата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот