Фото: Слободен печат

Падна договор во Вреди: Сали, Хоџа, и Бакиу предлози за министри, Муртезани за амбасадор во Брисел

Беким Сали прв вицепремиер и министер за евроинтеграции, Мухамед Хоџа министер за животна средина, Орхан Муртезани амбасадор во Брисел и Башким Бакиу нов министер за здравство на местото на Азир Алиу кој пак, ќе биде директор на Агенцијата за електронски комуникации. Ова ќе биде понудата на Вреди до премиерот Христијан Мицкоски за пополнување на испразнетите места во Владата по локалните избори откако Изет Меџити стана градоначалник на Чаир, потврдија за „Слободен печат“ високи функционери од Вреди.

По неколку недели разговори, во Вреди конечно паднал договор за распределба на министерските позиции. Во текот на преговорите, како што веќе објавивме, имаше неколку комбинации и рокади на министри од Вреди. Ако премиерот ги потврди новите кадровски решенија, се очекува до крајот на неделата предлозите за нови министри да влезат во собраниска процедура.

Планот првично беше пратеникот од Алтернатива Сали да биде прв вицепремиер за добро владеење, а вицепремиерот Арбен Фетаи да биде министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани. Муртезани пак, според таа комбинација требаше да стане заменик министер за одбрана, место испразнето откако Арбен Таравари и дел од Алијанса за Албанците излезе од Владата. Поранешниот портпарол на владата на Димитар Ковачевски, Мухамед Хоџа, уште од почеток на разговорите беше во игра за нов министер за животна средина, заедно со Недим Рама од кабинетот на Меџити. Најголемо изненадување е дека Башким Бакиу, директор на Заедничките служби при Клиничкиот центар е предлог за нов министер за здравство на местото на актуелниот Азир Алиу, кој на оваа позиција беше само пет месеци.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот