Оваа влада кран не ја руши

Фото: Ерол Шаќири

После сите пред и постизборни драмолетки, на крајот, сепак се формираше влада според таканаречениот „Мајски договор“, односно победникот (СДСМ/БЕСА) со победникот (ДУИ) на која се приклучи уште и ДПА. Ниту Али Ахмети застана зад своето изборно ветување „Албанец за Премиер во полн мандат“, сосема очекувано, ниту СДСМ ја прати ДУИ во опозиција и влезе во проблематични и пред се опасни комбинаторики.

Оваа влада за европска Република Северна Македонија, како самите ја нарекуваат, ќе владее 4 години гарантирано, а дали повеќе од тоа ќе зависи од нивните успеси или неуспеси, ерата на предвремени парламентарни кои ги имаме од 2006 година па навака мислам дека конечно ќе заврши. СДСМ ќе сака својата прва победа на парламентарни избори по цели 18 години да ја претвори во полн четиригодишен мандат каде ќе се обиде на внатрешен план да се приближи до успехот постигнат на надворешен план изразен преку членството во НАТО и очекуваниот почеток на преговори со ЕУ. Патот до полноправно членство е тежок и долг и зависи пред се од брзината на спроведените реформи, но и во најоптимистичките варијанти тоа нема да се случи пред 2028 година.

Причини за предвремени СДСМ секако нема да има. ДУИ уште помалку, резултатот од 15 пратеници тешко дека ќе може да го повтори на било какви предвремени избори, единствена шанса за нив ќе биде полн мандат каде ќе се обидат да се рехабилитираат и конечно да се ослободат од товарот кој сеуште го носат од ко-владеењето со Груевски. Од друга страна, БЕСА со предизборното коалицирање конечно стана дел од власта и судејќи по добиените гласови на изборите може да биде и повеќе од задоволна. Причина за предвремени избори ќе немаат, посебно не ако настапат сами и наредните години нивното учество во извршната власт е шанса да покажат дека се вредност на македонската политичка сцена, а со тоа да привлечат повеќе гласови на свое конто на наредните избори. Опозицијата од двата блока нема на основа на што да бара предвремени, иако уште сега најавува протести. Поентата ми е дека, иако владата е поддржана од „само“ 62 пратеници, политичката консталацијата е таква што ја прави една од најстабилните влади до сега, со примарна цел, членство во ЕУ.

„Почеток на крајот на СДСМ“

Оваа брилијантна и моќна реченица ја изјави лидерот на опозицијата, Мицкоски кога на јавноста и обзнани дека нема да се повлече од функцијата. Можеби некој неписмен му го напишал емотивниот и со револуционерни елементи говор, но сепак и за да прочиташ такво нешто, во ситуација во која тој се наоѓа, отвора многу прашања, можеби ги измешал медикаментите во време на ковид, место парацетамол и 3 витамина Ц земал 1 витамин и 3 парацетамола. Почеток на крајот на СДСМ можеше да биде пораз на избори, можеше да биде пораз на претседателските избори претходно, можеше да биде неуспех да формира влада, но да изјавиш вакво нешто за партијата која ги доби и локалните и претседателските и парламентарните избори и успешно формираше влада е далеку од здравиот разум.

Почеток на крајот може да биде само за опозициониот лидер и тесното раководство на партијата, затоа што изгубија на локални, претседателски и парламентарни избори, а да, исто така не успеа да формира влада иако беше овластен од ИК на партијата (уште еден монтипајтонски момент на македонската политичка сцена). Шегата на страна, главните тези околу кои се вртеше опозицијата во изминативе години и ја занимаваше јавноста, името, презимето, Гоце Делчев, тиранска платформа и таканатаму се депласирани уште сега, а не па на наредните избори за четири години. Реалноста е дека најголемата опозициона партија е во сериозни проблеми како последица од непревземањето одговорност тогаш кога требаше, како резултат на деструктивната политика и недостигот на идеи и како резултат на продолжување на груевистичката идеологија од која не се помрднаа ни милиметар. Сето ова доведе до нивна комплетна изолација од страна на меѓународната заедница, но и изолација на домашната политичка сцена.

За првпат на овие избори бевме сведоци дека всушност ВМРО-ДПМНЕ не беше во ниедна можна комбинација за формирање влада, комплетно изолирани и игнорирани од сите други парламентарни партии иако имааа само два пратеника помалку од коалицијата СДСМ/БЕСА. Се повикуваат на народот како и секогаш и се закануваат со протести кои, и да се случат, нема да бидат, ни масовни, ни долготрајни, едноставно нема со што и за што да ги привлечат луѓето. Нивното реформирање е реално потребно на државата, да го оставиме лицемерието на сдсмовци кои повикуваат на тоа (ним им одговара дезориентирана опозиција), но силна и конструктивна опозиција значи и многу посилна влада и држава. Проблемот е што за да се реформира таа треба прво да се распадне, па повторно да се оформи, идеологијата на која се заснова е идеологија од пред два века, но тоа е друга тема и можеби мое субјективно мислење.

Единствена шанса на албанската опозиција од друга страна е конструктивноста. Што значи да не се излетуваат со несреќни изјави од типот „СДСМ И ВМРО сакаат етнички чиста држава, а ДУИ им помага во тоа“, туку да се концентрираат на работата на идната влада со силни критики кај треба, но и поддршка за добрите закони/реформи. На полето контсруирање на етно-националистички флоскули, ДУИ има докторирано, така што само конструктивност и добра работа како онаа на градоначалникот на Гостивар може да им помогнат.

Што се очекува од новата влада?

Реформа во правосудството, правда, економија, сузбивање на корупција, реформа и кратење на администрацијата, постојано сите вртиме едно те исто. Јас искрено се надевам дека конечно и со помош на европските партнери во целиот процес на преговори ќе успееме на овој план, меѓутоа би сакал да се осврнам на нешто друго, односно би сакал да видам нешто друго уште на самиот почеток.

Тоа е една компактна влада која ќе функционира како едно тело и ќе ја спроведува програмата насекаде подеднакво. Тоа значи дека министер за Транспорт и врски ќе се залага за автопатот кон Косово колку што се залага за автопатот Кичево-Охрид, тоа значи економски проекти, како за Струмиц,а така и за Тетово и Шуто Оризари, тоа значи поранешниот „инспектор“, а сега министер за надворешни работи, освен да провери дали некаде некоја институција е двојазична согласно законот, да провери дали во општина Кичево е поставено државното знаме исто така согласно законот. Тоа значи првиот вицепремиер од човек за „поттикнување“ етнички тензии, да стане личност која ќе смирува и нема да одговара на партијата туку на премиерот. Мора да разберат сите министри и функционери дека кога се на позиции тие ја претставуваат државата и сите граѓани, а не само оние кои им дале глас. Се што сакам да кажам е дека мора да покажат единство, како во работата, така и во одлучувањето, мора да остават впечаток на граѓаните дека работат за нас, а не за партијата која ги поставила.

 

 

Видео на денот