Отворен нов спортски центар во Радишани со терени за фудбал, кошарка и тенис
Во населбата Радишани денеска се отвори нов спортски центар, сместен во дворот на основното училиште „Ацо Шопов“. На отворањето присуствуваше градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, кој заедно со учениците официјално го пуштија во употреба овој рекреативен центар.
Препорачано
Денес со учениците го отворивме новиот спортско-рекреативен центар кој се наоѓа во населба Радишани, во дворот на ООУ “Ацо Шопов”. Ова е место на кое во минатото пораснаа многу генерации но за жал изминатите години беше целосно запуштено а игралиштата руинирани – пишува Костовски во објавата.
Според градоначалникот, спортскиот комплекс „Радишани“ е поставен на површина од 4.000 квадратни метри. Во рамки на спортскиот центар се сместени ново осветлено фудбалско игралиште со вештачка трева и обновена челична ограда, игралиште за кошарка со специјална ФИБА подлога, детско игралиште, фитнес зона за вежбање и тениско игралиште со акрилна подлога.

Дополнително, Костовски најави дека наскоро во спортскиот центар „Радишани“ ќе започне и изградба на затворен пливачки базен, а исто така соопшти дека до истекот на неговиот мандат, секое населено место во општина Бутел ќе има по еден модерен спортски центар.


