Освен плата, заработуваат плус 20.000 евра месечно: 14 европратеници ги кријат дополнителните приходи
Вкупно 14 европратеници потврдиле дека остваруваат дополнителен приход покрај пратеничката плата, но не ја посочиле висината на оваа заработка, пренесува „Политико“.
Препорачано
Според Кодексот на однесување на Европскиот парламент, европратениците се должни да ги пријават сите приходи што ги заработуваат надвор од ЕП, доколку таа сума е над 5,000 евра годишно.
„Ако платена активност преземена заедно со вршењето на функцијата член (на ЕП) генерира приход, членовите треба да го наведат за секоја посебна ставка соодветниот износ на тој приход и, каде што е релевантно, неговата периодичност“, се вели во Кодексот.
Меѓутоа, според „Транспаренси Интернешнл“, 14 европратеници на ЕУ не ја почитувале оваа одредба од Кодексот и во Изјавата на приходи не ја навеле висината на дополнителниот приход што ја заработуваат.
ТИ во својата објава ги наведува и имињата на овие европратеници.
На листата на посочени „прикривачи на приходите“ е и шпанскиот европратеник Алвизе Перез од редовите на екстремно десничарската партија Забавата заврши (САЛФ), кој во Европарламентот е познат како жесток заговорник на борбата против корупцијата.
Пред да биде избран за европратеник во јуни 2024 година, Перез од дополнителни работни ангажмани заработувал и по 20,000 евра месечно, но во Изјавата за приходи за таа година тој навел дека „точниот генериран приход ќе го ажурира на крајот од секоја година“.
Својот дополнителен приход не го пријавил ниту италијанскиот европратеник Марио Мантовани од десничарската партија Браќата на Италија (ФДИ), кој во 2024 година извршил три консултантски услуги.
Износот на своите дополнителни приходи не го пријавиле ниту италијанскиот европратеник Доменико Лучано од левичарската Зелена и лева алијанса (АВС), кој работел за компанија за филмска продукција, словенечкиот зелен европратеник Владимир Пребилич од партијата Преродба, кој бил ангажиран како предавач во Љубљана, финската европратеничка Катри Кулмуни од либералната Партија на центарот (КЕСК), кој имала платени ангажмани на локално ниво и како член на Одбор на една христијанска фондација, и нејзиниот сонародник Пека Товери од конзервативната Партија на националната коалиција (КОК), кој навел дека е извршен директор на компанија во негова сопственост.
Германската европратеничка Сибил Берг од левичарската сатирична Партија на трудот, владеењето на правото, заштитата на животните, промоцијата на елитите и иницијативата за базична демократија (ПАРТИЕ), која пред да биде избрана во ЕП работела како писателка и драматург, реагираше преку шефот на нејзината канцеларија кој приложи документ дека таа заработува 120,000 евра годишно надвор од нејзината работа како парламентарка.


