„Остареа“ и новите цевки оставени кај мостот „Белaсица“, монтирањето никако да почне
Од ЕСМ нема попрецизен одговор зошто цела година не се поставуваат топловодните цевки, освен дека новото раководство на компанијата ги презема сите потребни активности за да се надминат сите пречки што предизвикаа застој во поставување на цевководот.
За 20-ина дена почнува новата грејна сезона, втора по ред без да се постават цевките од топловодот под мостот „Беласица“ преку кои се испорачува топлинска енергија од „Те-То“. Досега јавноста не разбра зошто толку се одолговлекува монтирањето на цевките кои беа оштетени во пожарот што го зафати мостот во мај минатата година, иако опожарените цевки беа демонтирани уште пред една година.
И повторно побаравме одговор од ЕСМ зошто сѐ уште не се поставува топловодот под мостот „Беласица“, има ли некаков проблем и кога конечно тоа ќе се направи. И повторно од компанијата нема прецизен одговор што е причината што овој зафат уште не е спроведен.
Оттаму велат дека за претстојната грејна сезона што почнува на 15 октомври, АД ЕСМ вложува сериозни напори да обезбеди сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа.
Новото раководство на компанијата, веднаш по назначувањето, ги презема сите потребни активности со цел да се надминат сите пречки што предизвикаа застој во поставување на цевководот. Испораката на топлинската енергија кон централниот дел од градот и понатаму ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува „Те-То“. Со ова целосно ќе се задоволат потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури – истакнуваат од ЕСМ.
ЕСМ сѐ уште не ја започна санацијата на мостот „Беласица“, се работело за комплексна активност
На потребата од што поитно монтирање на цевките неодамна укажа и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски, најавувајќи ги новите цени на парно греење. Тој апелираше конечно да се постави цевководот така што ќе се овозможи што повеќе топлинска енергија да се испорачува од „Те-То“.
Изминатите две зими беа исклучително поволни, немаше голем број денови со минусни температури, затоа апелирам конечно да се заврши реконструкцијата на цевководот на мостот „Беласица“. Да не оставаме на случајности, да бидеме подготвени за следната грејна сезона и за испорака на топлинска енергија во најекстремни услови. Ова го апелирам со цел за завршување на цевководот, за што повеќе количини топлинска енергија да добиваме од „Те-То“, која во моментов е за 35-36 проценти поевтина од цената на топлинската енергија што ја даваат топланите – нагласи претседателот на РКЕ, посочувајќи дека со одлука на Регулаторната комисија, „Те-То“ е задолжен да обезбедува 60 проценти од топлинската енергија за Скопје, но дека тоа е тешко да се спроведе доколку не се постави топловодот под мостот.
На почетокот на мај, непосредно пред изборите, мостот „Беласица“ беше целосно пуштен во сообраќај, но без да бидат поставени цевките под него. Откако претходно, по пожарот, најпрво неколку месеци беше затворен додека се испитуваше колкави се оштетувањата, а потоа беше делумно отворен за сообраќај. Објаснувањето на градоначалничката Данела Арсовска беше дека ќе се вози по две ленти, а двете средишни ќе се пуштат во сообраќај откако ЕСМ ќе заврши со монтирањето на новите цевки. Како што рече, ова се правело заради безбедноста на работниците што работеле под мостот. Потоа, по осум месеци, веќе работниците и нивната безбедност не се споменуваше, затоа што под мостот ништо не се работеше и објектот, по неколку тестирања, беше пуштен во употреба.
Од ЕСМ ги размонтираа цевките уште минатата есен, најавија поставување нови, ги донесоа новите и ги оставија да лежат покрај мостот. Единствениот одговор што стигаше од компанијата околу тоа зошто не се монтираат цевките беше дека станува збор за сложена активност.
Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки, се користи алтернативниот вод на железничкиот мост, кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите – одговорија од ЕСМ на почетокот на годинава.