Османи побара да прекине војната, Кулеба бара исклучување на Русија од ОБСЕ
Министерот Османи, како претседавач со ОБСЕ во Киев најави дека ќе ги поддржи сите иницијативи за праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе постави основа за мирно да се разговара за сите прашања
Нема никакво оправдување за нападите врз цивилни цели. Русија да ја прекине војната и да се врати на начелата на ОБСЕ и по дипломатски пат да се решат сите предизвици, порача денеска македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи од Украина, првата земја што ја посети откако го Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ.
Препорачано
На заедничката прес-конференција во Киев со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба тој ја осуди континуираната руска агресија против Украина, а неговиот домаќин Кулеба, пак, порача дека Украина очекува ОБСЕ да ја исклучи Русија од членство во организацијата.
– Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека страдањата ќе престанат кога ќе дојдам во прва посета во својство на претседавач со ОБСЕ. Секое повторно лично сведочење на уништени домови и човечки судбини предизвикува вознемиреност. Стоејќи овде како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се врати на принципите и вредностите на ОБСЕ и одново да се приклони кон дипломатијата – изјави Османи.
Тој повика на одговорност за сите извршени злосторства, бидејќи секој еден изгубен живот или уништена иднина е превисока цена што ја плаќа украинскиот народ. Според Османи, Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН документира над 18.000 жртви од почетокот на агресијата, а вистинскиот број на загинати или повредени е веројатно поголем.
– УНХЦР евидентираше речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Оние што се одговорни за изложување невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат – рече Османи.
Тој повтори дека фокусот и главниот приоритет на ОБСЕ годинава ќе биде Украина, а македонското претседателство ќе служи како чувар на договорените начела на ОБСЕ. Османи најави дека ќе ги поддржи сите иницијативи за праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе постави основа за мирно да се разговара за сите прашања.
– Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверена територија на Украина, ОБСЕ ќе го понуди својот инструментариум на алатки за да ѝ помогне на Украина да закрепне од штетите од оваа војна. ОБСЕ, за време на војната, помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот – рече Османи.
Тој претходно го посети градот Бородјанка во киевската област, кој беше цел на руските напади и порача дека е потребна итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна.
– Сите ние што даваме поддршка на Украина сме на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на хуманоста, на почитувањето на правото на живот – изјави Османи од теренот со уништени згради и институции.
Тој, го осуди нападот врз станбена зграда во Днепар, каде што пред два дена загинаа повеќе од 40 лица, а повеќе од 70 беа ранети.


