Ослободени од незнаењето

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Луѓето се исплашени и недоверливи, а и не сакаат да мислат. Како да се одвоени од себеси. Затоа, не е тешко да се „регрутираат“ за да ја играат улогата на безимени и бесплатни курири на незнаењето и деструкцијата.

Во култниот филм „Матрикс“ (прв дел, 1999), Морфеус (Лоренс Фишбрн) му вели на Нео (Кијану Ривс): „Матрицата е систем, Нео. Тој систем е нашиот непријател. Но, кога си внатре и гледаш наоколу, што гледаш? Бизнисмени, наставници, адвокати, столари. Самиот ум на луѓето што се обидуваме да ги спасиме. Но, додека не го сториме тоа, овие луѓе сè уште се дел од тој систем и тоа ги прави наш непријател. Мора да разбереш, повеќето од овие луѓе не се подготвени да се исклучат од матрицата. А многумина од нив се толку зависни, толку безнадежно зависни од системот, што ќе се борат да го заштитат“.

Не мора посебно да се објаснува дека, за да се приклучат луѓето на „матрицата“, не е потребно да им се забие кабел во тилот. „Приклучокот“ го обезбедува пропагандата. Долготрајна, не премногу видлива и осмислена на тој начин што изгледа логично и како да произлегува од сопствените мисли и сознанија на луѓето (жртвите на пропагандата). Пропагандата создава привид на „ослободување од незнаењето“. И кога луѓето ќе го доживеат „откровението“, пропагандата им сервира страв, несигурност, нагон за одбрана.

„Вистината ќе ве ослободи“, им рече Исус на своите апостоли. (Јован, 8:31-32)

Така „ослободени од незнаењето“, луѓето се спремни да се претворат во (онлајн) ѕверови или барем во тотални тапоглавци. Една порака, испратена во инбоксот на „Цивил“ на 13 јануари, а на која ми го сврте вниманието еден од моите колеги на 6 февруари, гласи вака (редигирана е, да го заштитам идентитетот на напаѓачот): „Ме блокираше? Да, кога не можеш да се соочиш со вистината, најкукавички начин е блок. А многу добро знам кој стои зад тоа име. Поздрав од гробот на *** до Џабир“. Така е тоа. До гробови стигнува работата. И зошто? Затоа што модераторот на онлајн содржините (бил престрог или не), го блокирал од една фејсбук-страница! Небаре трагедија, акт на војна…

Ова е само уште еден од безбројните примери за тоа како се трансформирани (изобличени) луѓето. Најчесто се целосно или барем делумно неинформирани, не знаат како функционираат нештата, а „некој“ ги уверил дека знаат и вселенски брод да направат… Но тоа не им пречи да создадат или да прифатат дезинформација или предрасуда во која се убедени до таа мерка што и гробови спомнуваат, колнат и проколнуваат. И – како побеснет воз, излетуваат од шините и паѓаат во амбисот на омразата.

Не е ни чудо што луѓето станаа лесни жртви на црната пропаганда. Никогаш порано не било поедноставно да се навлечат луѓето на црнила и параноја. Луѓето се исплашени и недоверливи, а и не сакаат да мислат. Како да се одвоени од себеси. Затоа, не е тешко да се „регрутираат“ за да ја играат улогата на безимени и бесплатни курири на незнаењето и деструкцијата. Своевремено, советската пропаганда (веројатно Ленин) ги нарече „корисни идиоти“.

Да објаснам низ пример. На Фејсбук страницата на ЦИВИЛ најчесто се споделуваат содржините што се создадени од тимот, информации и најави за настани и активности на организацијата. Исто така, се споделуваат и линкови до колумни од авторки и автори чии ставови не нужно ги одразуваат позициите на Организацијата. И толку. Ништо спектакуларно, но сепак доволно добро и потребно за речиси 40.000 луѓе што во моментов ја следат Фејсбук страницата на ЦИВИЛ.

Ние имаме обврска да бидеме модератори на содржините, но и на коментарите. Дури и да сакаме, не смееме да дозволиме говор на омраза, дискредитации и лични напади. И не е ниту кукавичлук, ниту храброст, туку обврска да се бришат коментари и да се блокираат корисниците што користат со таков говор. Искрено, јас лично многу ретко успевам да се вклучам во таа комуникација. Верувам дека моите колешки и колеги добро го прават тоа. Никој не е безгрешен, но затоа постојат прашањата, пораките и поплаките. Со добронамерен разговор, сѐ може да се постигне. Но тоа не е целта на „матрицата“. Напротив!

Во мојата канцеларија имам едно „коритце“ каде што чувам писма пристигнати по пошта. Повеќето се убави, со прекрасни зборови, а некои се со забелешки и добронамерни укажувања од кои учам како да бидам подобар во тоа што го правам. Но има и такви што не морам да ги прочитам до крај, бидејќи веќе по првите две-три реченици знам како изгледа остатокот од писмото. Исто како и пораките во инбокс. Дел од „комплиментите“ што ги имам добиено во последниве 15 години се: „Предавник, платеник, шпион (американски, германски, грчки, еднаш дури и српски), шиптар, великоалбански националист, соросоид, педер, курвар, наркоман, пијаница, комуњара, нацист, балист, усташ, агент на ЦИА, БНД, Мосад…“

За моја среќа, а за нивна несреќа, нивниот број е неспоредливо помал (и постојано опаѓа) од оние што ми упатуваат изрази на поддршка и одобрување. Секојдневно паѓаат комплименти на моја и на сметка на моите другарки и другари (некои се и претерани). Од скромност, нема да ги споделам овде. Но, да не се оддалечиме од главната поента. Ако направиме парафраза на ставот на Морфеус, таа би гласела вака: Повеќето од овие луѓе не се подготвени да се исклучат од матрицата. Тие стануваат толку безнадежно зависни од матрицата на пропагандата, што и по цена на сопствено понижување ќе се борат да ја заштитат.

Да. Тие самите стануваат месо на пропагандата. Ги обзема тоа силно чувство на вклученост, припадност, близина… Оттаму сите тие гробови, клетви и сеништа, примитивен фолклор измешан со злокобниот „шарм“ на тоталитаризмот. Ништо не знаат. Ништо не прашуваат, не сакаат ни да дознаат, туку само следат предрасуди што им ги инјектира пропагандата. И тие се жртви. Навистина, патот на злобата, пакоста и омразата е личен избор, но мајсторите на манипулациите знаат како да ги убедат луѓето дека направиле добар избор. И на врвот на светот да ги ставиш, пак ќе бидат на дното, во калта, ќе се удават во сопствената омраза, алчност и злоба. За да ја заштитат матрицата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот