Орли над Брисел
Шесте земји од Западен Балкан, меѓу нив и Македонија, дисциплинирано ги бројат своите кругови, ги слушаат ветровите и ги исполнуваат условите, верувајќи дека правилата важат за сите подеднакво. Но со туркањето на Украина преку редот, Брисел испраќа порака дека принципите се флексибилни кога геополитиката ќе стане доволно гласна.
Во една голема шума, високо над долината, живееше јато орли што со децении важеше за најорганизираното и најугледното меѓу сите птици. Тие не примаа секого.
Препорачано
Нивните гнезда беа високо, на карпи што малкумина можеа да ги достигнат.
Орлите имаа правило: „Кај нас се влегува само по заслуга. Прво ќе ги зацврстиш крилјата, ќе ги издржиш бурите, ќе направиш сто круга околу планината. Дури тогаш ќе седнеш на нашата гранка“.
Под карпата со години чекаа шест птици. Не беа орли, но сакаа да станат дел од јатото. Едната беше штрк што вежбаше долги летови над реката. Другата беше млад сокол што постојано се судираше со северниот ветер. Третата беше гавран што ги менуваше своите навики за да личи повеќе на орел. Четвртата…
И секојпат кога ќе помислеа дека се подготвени, орлите ќе најдеа некаква забелешка.
„Уште не го држиш кругот доволно широко“.
„Уште не лебдиш стабилно во височина“.
„Процесот е строг, но редот е ред“, повторуваа орлите со мирна самоувереност.
Птиците веруваа во тоа. Дури и кога паѓаа од замор, дури и кога им се кубеа пердувите од премногу обиди, си велеа: „Ако е толку тешко, значи вреди“.
Еден ден, се појави голема птица со прилично искубани пердуви. Зад неа одекнуваше грмеж, а небото беше зачадено. Таа не кружеше околу планината. Не ги положи ни пробите. Само слета, тешко, пред карпата.
Орлите ја пречекаа со отворени крилја. Не ни помислија да ја испратат на вежбање или на тестирање. Не ѝ ги прочитаа ни правилата. На изненадување за сите, ја подигнаа директно на највисоката гранка.
„Ќе ги научи нашите ветрови додека лета со нас“, рече најстариот орел. „Сега е поважно да биде во јатото“.
Под карпата, шесте птици занемеа. Не ја обвинуваа новата. Кој би одбил засолниште кога го гони пожар? Но во нивниот молк имаше нешто друго – нешто што не беше љубомора. Наликуваше на сомнеж.
„А нашите сто круга?“ праша штркот.
„Вашиот пат продолжува“, одговори орелот. „Редот е ред“.
Само што и тој знаеше дека нешто не е во ред со тој ред.
Од тој ден, правилата како да ја загубија својата тежина. Барем во очите на кандидатите. Задачите останаа испишани во воздухот, но станаа меки, како пердув што се витка под притисок. Се покажа дека бурите и кризите не се пречка за влез, туку аргумент за прескокнување на периодот предвиден за докажување. Дека не е најважно колку високо леташ, туку колку силно те бркаат. И кој те брка.
Шесте птици продолжија да летаат. Навиката, сепак, е посилна од разочарувањето. Но секој нивни круг околу планината сега беше обележан со прашање: дали тие навистина се мерат по исти правила, или едноставно не се доволно важни за да им се скрати патот?
Орлите и понатаму зборуваа за дисциплина и за заслуга. Само што тие зборови повеќе не звучеа како правило врежано во камен, туку како правило напишано со креда на ѕид – доволно цврсто додека не плисне првиот дожд.
И најопасното не беше тоа што една повредена птица седеше на највисоката гранка. Најопасното беше што јатото испрати порака до сите под карпата: правилата не се темел, туку инструмент. А инструментите се користат според потребата.
И секако, за оние што не успеаја веднаш да го разберат поводот за ова писание, ова не е класична басна за орли, штркови, соколи…
Ова е приказна за Европската Унија, која со години уверуваше дека во нејзиното јато се влегува само по ред и по заслуга, а сега е подготвена да ја смести Украина на гранката преку „обратно членство“, додека другите сè уште кружат околу планината.
Шесте земји од Западен Балкан, меѓу нив и Македонија, дисциплинирано ги бројат своите кругови, ги слушаат ветровите и ги исполнуваат условите, верувајќи дека правилата важат за сите подеднакво. Но со туркањето на Украина преку редот, Брисел испраќа порака дека принципите се флексибилни кога геополитиката ќе стане доволно гласна.
И можеби вистинското прашање повеќе не е кој ќе слета прв, туку дали јатото што го менува редот среде лет може и понатаму да тврди дека лета по исти правила за сите.


