Македонија со бројче в рака, а Украина директно на шалтер
Додека земјите од Западен Балкан со години ги отвораат и затвораат поглавјата, во Брисел се разгледува идеја Украина да добие делумно членство уште пред да ги исполни сите формални критериуми. Концептот што неформално се нарекува „обратно проширување“ ја отвора дилемата дали геополитиката станува поважна од реформите. Дали станува збор за исклучок поради војната или за ново правило што ќе ја редефинира европската интеграција?
Во Брисел се отвора врата што со децении беше цврсто заклучена: идејата дека една земја може да стане дел од Европската Унија пред да ги исполни сите услови што досега важеа како неприкосновени.
Препорачано
Украина би можела да добие делумно членство уште следната година, ама не како награда за завршени реформи, туку како геополитичка порака во време на војна. Доколку овој концепт се реализира, тоа би бил најголемиот пресврт во политиката на проширување од создавањето на Унијата.
Информациите што ги објави европското издание на „Политико“ отворија нова дебата во Брисел: дали Унијата е подготвена на драматичен пресврт во политиката на проширување, со модел што неформално се нарекува „обратно проширување“, концепт во кој земја-кандидат добива делумно членство пред целосно да ги исполни критериумите од Копенхаген, а реформите продолжуваат откако ќе стане дел од европското семејство.
Доколку ваквиот план добие политичка поддршка, Украина би можела уште следната година да добие ограничено институционално присуство во ЕУ, односно да добие пристап до одредени политики, финансиски инструменти и можеби учество во дел од одлучувачките процеси, без да ги исполни сите формални услови што со децении важат за кандидатите од Западен Балкан.
Во суштина, Брисел би испратил геополитичка порака пред да ја заврши техничката работа.
Досегашниот модел на проширување се темелеше на строго фазен пристап: преговори по поглавја, усогласување со европското законодавство, исполнување на владеење на правото, функционална пазарна економија, институционална стабилност, па дури потоа членство.
Процес што во случајот на земјите од Западен Балкан трае повеќе децении.
Македонија, на пример, статус на кандидат доби уште во 2005 година, но по низа политички компромиси и блокади преговорите реално уште не се започнати.
Новиот пристап, ако се реализира, би значел дека геополитиката станува подеднакво важна како и реформската агенда.
Во Брисел веќе подолго време се дискутира концептот на „Европа со повеќе брзини“, идеја што ја турка францускиот претседател Емануел Макрон, според која интеграцијата може да се одвива во повеќе слоеви. Во таква архитектура, Украина би можела да добие политичка позиција во Унијата без формално да стане полноправна членка.
Прашањето што логично се поставува е: дали ова е исклучок диктиран од војната, или ново правило што ќе ја редефинира политиката на проширување?
Аргументите во корист на ваквиот модел се пред сè геостратешки. Украина е во директен вооружен конфликт со Русија и нејзиното институционално врзување за ЕУ се гледа како начин да се намали просторот за руско влијание. Доколку делумното членство стане дел од евентуален мировен договор меѓу Киев и Москва, тоа би било јасен сигнал дека Украина е неповратно ориентирана кон Европа.
Во таа смисла, проширувањето би станало инструмент на безбедносна политика.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски во разговор за „Слободен печат“ предлага сите шест земји-кандидати од Западен Балкан да ги здружат силите и јасно да се спротивстават на новите правила што ги наметнува Брисел.
– По историските револуционерни промени во Америка, очигледно Европа е тотално збунета и не знае што прави. Прво и клучно, да продолжиш политика на војна со Русија е надвор од умот, бидејќи Европа може да биде обединета, безбедна, стабилна и просперитетна само со Русија на нејзина страна. Па не само што не застануваат тука, туку и планираат радикално да ги променат правилата за проширување на Унијата, со тоа што би се почнало од крајот. Прво ќе ја примат Украина во европското семејство, а дури подоцна ќе почне нејзиното приспособување и реформирање. И тоа е исто така надвор од умот, особено кога се има предвид фактот дека постојат шест балкански земји кои чекаат членство со години. Тоа е политика што во никој случај не смее да се прифати, треба да се критикува и да се реагира, но не поединечно, туку сите шест балкански земји треба да се соединат и заеднички да настапат. Знаете, Брисел не прифаќа само реторика. Додека не им покажете заби и не им укажете дека не се шегувате, тие нема ни да размислат да ги променат своите ставови. Политиките што ги води Брисел кон нашиот регион се апсолутно неприфатливи, неодржливи и затоа треба да се критикуваат на остар начин – изјави Никовски.
Промената на начинот на проширување на Унијата отвора и други комплексни дилеми.
Прво, правната рамка. Договорите на ЕУ не предвидуваат формално „получленство“. Постојат различни форми на асоцијација, пристап до единствениот пазар, учество во европски програми, но институционално членство, па макар и делумно, бара измена или креативна интерпретација на постојните правила. Тоа подразбира согласност од сите земји-членки, што во сегашниот политички амбиент не е гарантирано.
Второ, прашањето на еднаквост. Земјите од Западен Балкан, кои веќе со години се во процес на пристапување, би можеле да го перципираат овој потег како политичка дискриминација. Србија и Црна Гора формално преговараат повеќе од една деценија. Албанија и Македонија поминаа низ долги политички условувања. Босна и Херцеговина и Косово се на различни фази од кандидатскиот пат. Во тој контекст, идејата Украина да добие институционален статус пред да ги затвори поглавјата што другите ги отворале со години, би можела да создаде ново чувство на неправда и фрустрација.
Третата дилема е функционалноста на самата Унија. ЕУ веќе се соочува со тешкотии во носењето одлуки со 27 членки. Воведување на земја со воена економија, разрушена инфраструктура и сериозни институционални предизвици, па макар и со ограничени права, отвора прашања за капацитетот на Унијата да апсорбира нови членки. Во последните години сè погласно се зборува дека пред ново проширување, ЕУ мора да спроведе внатрешни реформи особено во делот на правото на вето и буџетската политика.
Во оваа комплексна слика, Западниот Балкан се наоѓа во чувствителна позиција. Регион кој со години слуша за „кредибилна европска перспектива“, сега би можел да биде сведок на нов модел што ја става Украина во привилегирана геополитичка траекторија. Прашањето не е само симболично. Станува збор за пристап до фондови, инвестиции, учество во заеднички политики и политичка тежина во рамките на Унијата.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски забележува дека ЕУ ги носи одлуките врз база на политика, а не врз основа на критериуми.
– Односот кон Западен Балкан, а посебно кон Македонија е полн со двојни аршини каде членки на ЕУ буквално се изживуваат врз нас, а ЕУ не реагира или застанува на нивна страна. Реакцијата и можноста Украина да влезе во ЕУ дополнително ќе ја разниша самата ЕУ бидејќи и дел од земјите-членки како Унгарија и Словачка се противат на таа можност и на целокупната процедура. Се докажува дека ЕУ во моментот е крајно разединета, без вистинско водство и крајно поделена, со двојни аршини, а со тоа и нејзиниот углед и важност драстично се смалува и тоа се гледа во односите со САД, Кина, Западен Балкан, Русија – објаснува Пекевски за „Слободен печат“.
Сепак, важно е да се нагласи дека планот сè уште е во фаза на разгледување. Нема официјална одлука, ниту јасно дефинирана правна рамка.
Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“ за „Слободен печат“ вели дека тврдењата дека за Украина се подготвува т.н. „обратно членство“ во ЕУ се повеќе новинарски интерпретации и политички поедноставувања отколку реална или формална полтичка дискусија за промена на политиката за проширување.
– Фактичката состојба е јасна: проширувањето и понатаму се води согласно Член 49 од ДЕУ, како и според Копенхашките критериуми. Овие правила не се изменети, ниту се заговара нивно менување. Историски гледано, постојат исклучоци, како што беше членството на Кипар, каде дел од територијата не е под ефективна контрола на централната власт. Но тоа не претставува укинување на критериумите, туку политички компромис во исклучителни околности, при што примената на европското право е суспендирана на тој дел од територијата. Затоа, тезата за „обратно членство“ повеќе ја одразува динамиката на јавната дебата отколку реалната правна и институционална рамка на Унијата – изјави Стојковски.
За државите од Западен Балкан, додава тој, од суштинско значење е процесот на проширување да остане кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги.
– Концептот на постепена или фазна интеграција е замислен како инструмент што треба да важи за сите кандидати, без исклучоци и без двојни стандарди. Сепак, до денес неговата практична примена останува ограничена, што ја засилува потребата ЕУ јасно да го операционализира овој пристап и да го направи видлив и мерлив за сите држави што испорачуваат резултати. Само така европската перспектива ќе остане реална и трансформативна, а не декларативна, и ќе ја зајакне довербата во процесот на проширување како заеднички стратешки проект – објаснува Стојковски.
Она што е извесно е дека проширувањето повторно станува централна тема во европската политика, но во поинаков контекст од оној на почетокот на 2000-тите. Наместо економска интеграција и стабилизација по падот на Берлинскиот ѕид, денес доминира безбедносната димензија. Во таа смисла, Украина не се третира само како кандидат, туку како геополитички фронт.
Дали „обратното членство“ ќе стане нова формула за интеграција или ќе остане теоретска опција, ќе зависи од политичката волја во главните европски престолнини. Но самата појава на оваа идеја покажува дека Европската Унија е подготвена да ги преиспитува сопствените механизми кога се соочува со историски предизвици.


