Орбан: Папата ме охрабри да ги бранам традиционалните семејства

Средба на папата Франциск и унгарскиот премиер Виктор Орбан/ Фото EPA-EFE/VATICAN MEDIA

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека неговата неодамнешна средба со папата Франциск го охрабрила да продолжи да ја брани традиционалната фамилија, иако двајцата имаат несогласувања околу имиграцијата.  

Според Ројтерс, Орбан, кој е на власт од 2010-та година, се претставува како спасител на унгарската култура од муслиманската миграција. Иако овој став му донесе популарност, Орбан се соочува со критики од групите за права и ЛГБТИ активистите.  

“Средбата со папата ме охрабри многу. Светиот Отец јасно стави до знаење дека борбата што ја водиме за да ги заштитиме семејствата е најважната борба за иднината на Европа”, рече Орбан во интервју за државното радио.  

Минатата година, Унгарија ја промени уставната дефиниција за семејството со цел ефективно да го забрани посвојувањето деца од истополови двојки. Орбан го цитираше папата како му рекол за време на нивната 40-минутна средба дека не треба да има дискусија или расправија за традиционалното семејно правило.  

“Тој рече, семејството се состои од татко, мајка и деца. Точка. Згора на тоа, рече тој, напред, направете го тоа и ние ќе ве поддржиме”, додаде Орбан.  

И папата и Орбан рекоа дека за имиграцијата не се разговарало на состанокот. Папата често го осудува она што го гледа како заживување на националистичките и популистичките движења и ги критикуваше земјите кои се обидуваат да ја решат миграциската криза преку еднострани или изолационистички акции.  

Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, средбата на Папата со Орбан ја нарече срдечна, а Фрациск на новинарите им рече дека се разговарало за наталитетот, законите што го поттикнуваат наталитетот и околината.  

„Симнувам капа“, изјави папата за напорите на Унгарија да ги исчисти реките и да ја заштити животната средина, додавајќи дека има намера целосна посета во 2022-ра или 2023-та година. Папата рече дека црквата не може да санкционира хомосексуални бракови, но владите треба да им дадат законски права на хомосексуалните двојки во области како што се здравствена заштита, пензии и наследство. 

Унгарија во јуни донесе закон со кој се забранува „промовирање и унапредување на хомосексуалноста“ кај помлади од 18 години, и покрај критиките од групите за човекови права и ЕУ. Премиерот Орбан смета дека овој закон ги штити децата. 

Унгарија забранува ЛГБТ содржини во училиштата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот