Фото: Општина Штип / Фејсбук

Општина Штип пред изборите потроши 800.000 евра за дино-парк, сега го издава на приватници

Само еден месец откако со голема помпа беше промовиран непосредно пред локалните избори, дино-паркот во Штип, на кој општината потроши 800.000 евра, со одлука на Советот се издава под кирија, и тоа на период од 15 години, јавува „Канал 77“. Почетната цена на месечниот закуп е 0,5 отсто од проценетата вредност, или околу 4.000 евра (251.073 денари).

Паркот, чија изградба ги чинеше граѓаните 50.214.600 денари од општинскиот Буџет, во триесетината денови во кои работеше, беше многу популарен меѓу штипјани.

Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, на денешната седница на Советот рече дека со влезниците што се наплаќаат, заработката би била поголема од закупот што ќе го добива општината.

– Однапред сте знаеле дека дино-паркот ќе го дадете на приватна фирма. Не може да ме убедите поинаку, рече Михајловски од говорницата.

Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип, вели дека се одлучиле да го издадат дино-паркот само еден месец по отворањето поради тоа што општината и јавното комунално претпријатие немале капацитет, кадровски и финансиски ресурси за негово одржување.

Одлуката поминала со 17 гласа „за“ и шест „против“, пренесува „Канал 77“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот