ОПМ: Ситуацијата со цените е вон контрола, Владата не смее да чека за мерки

Маријана Лончар Велкова / Слободен печат

Граѓаните сè повеќе штедат на храна, а некои производи се заменуваат со многу понеквалитетни или со помала нутритивна вредност, што значи дека дел од населението веќе е на принудна диета

Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија, уште еднаш потсети дека се потребни итни мерки, за граѓаните да не го понесат најтешкиот товар од инфлацијата. Таа апелира дека се потребни подобро осмислени владини мерки за ограничување на цените, за сите да може да се прехранат.

– Не треба да се чека ситуацијата со дивеењето на цените на храната да излезе надвор од контрола. Плафонирањето на цените е можеби популистичка мерка, но ако треба и така нека се постапи. Ситуацијата оди на полошо, цените растат неконтролирано и Комисијата за заштита од конкуренцијата треба да се вклучи за да види дали има некакво здружување на трговците по толкавото „плафонирање“ на цените од нивна страна. Граѓаните сè повеќе штедат на храна, а некои производи се заменуваат со многу понеквалитетни или со помала нутритивна вредност, што значи дека дел од населението веќе е на принудна диета – додава Лончар Велкова.

Инфлацијата што растеше цела година на македонските работници што работат за минималец им „проголта“ неколку килограми месо, млечни производи и им ги „опустоши“ ладилниците. Оттука е неупатно кога надлежните се думаат дали повторно ќе ги замрзнат цените или ќе ги ограничат маржите. Бизнисмените веќе се изјаснија против ваквите мерки и советуваат намалување на ДДВ и на другите даноци, како и помош во стока од државните резерви.

– Во јули годинава на едно четиричлено семејство му биле неопходни 48.620 денари за задоволување на минималната синдикална кошница, што е зголемување за 441 денар во однос на минатиот месец. Над 20.000 денари или 44,6 отсто од потрошувачката кошничка се за исхрана и пијалаци, а потоа 13.664 денари, за домување, односно 30,46 отсто – соопштија од ССМ.

Иако се намалува инфлацијата од месец за месец и за јули изнесува 8,4 отсто, сепак минималната кошница е зголемена од претходниот месец јуни за 441,00 денар.

– Тоа зголемување го трпат работниците и граѓаните во оваа држава, а најголемо зголемување има во домување односно комунални трошоци за 2,4 отсто и кај исхрана и пијалаци за 1 отсто – велат од ССМ.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во зависност од анализите што се добиваат на дневна основа ќе се одлучи дали ќе има нови мерки против инфлацијата или не, но притоа ги повика надлежните институции да ги искористат своите законски можности за неетичко однесување кон потрошувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот