Операта „Палјачи“ повторно е на сцената на НОБ

Националната опера и балет (НОБ) ја отвори новата сезона на 30 септември со премиера на операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало.

Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало, со која беше отворена новата сезона во Националната опера и балет, е кратка во своето траење во однос на некои други оперски дела, но е набиена со силен интензитет на емоции и страсти.

Веројатно траењето на операта било еден од моментите што одлучиле да биде поставена на сцената во овие пандемиски услови. За разлика од оперските концерти што беа изведувани во изминативе, речиси, две години, во изведбата на „Палјачи“ се вклучени солисти, хорот, балетот и оркестарот на НОБ. Публиката на 30 септември, конечно, можеше да види и слушне комплетно оперско дело.

Станува збор за опера што повеќепати била поставувана на сцената со премиерни изведби во 2001 и во 2010 година. Солистите во новата поставка веќе биле дел и од претходните изведби, што значи дека станува збор за добро совладан материјал, иако краткото траење на операта не значи дека е едноставна за изведување. Напротив, секој глас е поврзан со тон и тоа бара исклучителна концентрација и внимание на изведувачите.

Диригент на новата поставка е маестра Бисера Чадловска, а режијата е на Дејан Прошев. За првпат во улогата на Канио настапи тенорот Ѓорѓи Цуцковски, додека Дешира Ахмети-Крлиу, Горан Начевски и Дејан Стоев по вторпат настапија во улогите на Неда, Тонио и Пепе. Како Силвио во новата поставка пееше Ристе Велков.

Функционалната и лесно подвижна сценографија која го следи дејството во операта е дело на Елена Ангеловска. Во однос на костимографијата, за првпат во својата 30-годишна дизајнерска кариера на оперската сцена стапна Никола Булески. Својот дизајнерски концепт тој го базирал на еколошкиот тренд и затоа дел од костимите се преработени од фундусот на операта, а дел се изработени од рециклирани материјали.

Со премиерната изведба на „Палјачи“ беше промовирана и целокупната опрема од нови инструменти, пултови, светла и озвучување, која е донација од Јапонија. Следната изведба на „Палјачи“ ќе се одржи на 2 октомври во Битола, додека првата реприза во Скопје е најавена за 5 октомври.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот