Онлајн настава со интернетот од стикчето купено од родителите

Фото: Слободен печат

Oд парите што дополнително се собираат од родителите, а се користат за купување на листови за пишување и цртање, за тоалетна хартија, течен сапун, делумно се трошат и на стикчето за интернет кое месечно се надополнува со ваучер. Доколку истото стикче се користи и за онлајн настава, тогаш воопшто и не треба да се надеваме дека децата ќе добијат какво било образование.

За нешто повеќе од две недели, во Република Македонија ќе стартува наставата на веќе одложениот старт на почотекот на новата учебна година. Од 1 октомври, илјадници деца, средношколци и студенти ќе започнат со учење. Но поради оправданото стравување од заразата од ковид-19, наставата, освен за оние најмалите, ќе се одвива онлајн.

Што значи тоа онлајн настава? Во нашата земја немаме големо искуство со тоа, а ниту во другите делови во светот не постојат премногу примери за да можеме да бидеме охрабрени дека нашите деца навистина нешто и ќе научат. Точно е дека постојат наставни програми и кај нас и во странство за следење на настава преку интернет, но тоа е вообичаено само за повисоките академски студии и никогаш досега овој тип на настава не е употребен масовно. Затоа и го немаме вистинскиот одговор за тоа што значи онлајн настава, ниту дали овој приод во школувањето, за кој мора да потенцираме дека е нужно зло, барем до минимум ќе ги задоволи пропишаните стандарди за образование.

Тоа што е факт е дека само 36 образовни институции во земјава од вкупно 1.100, побарале дозвола за организирање на настава со физичко присуство на учениците, односно студентите. Лесно може да се пресмета дека огромен број на ученици за некој ден ќе седнат пред компјутерите и ќе очекуваат да бидат образувани. Но како тоа всушност ќе изгледа?

Во медиумите беше објавено дека забрзано се работи на изработка на софтверско решение, кое најдоцна до 15 септември ќе ѝ биде претставено на јавноста. Доколку се биде завршено според планот, значи доколку се оствари најдоброто сценарио, тогаш ќе преостанат едвај 15 дена за платформата да биде тестирана, да се откријат баговите во софтверот, но и наставниците и професорите да се обучат.

Еден од клучните проблеми во спроведувањето на онлајн наставата е секако и обезбедување на нагледни средства и неопходни услуги за техничко функционирање на процесот. Со едноставен речник, потребни се компјутери и интернет. Не секое семејство може да обезбеди компјутер за своето дете, ниту, пак, не секој родител е во состојба месечно да издвојува средства за брз интернет, на каков вообичаено функционираат платформите. Тоа не се големи пари, но во Македонија живеаат голем број на сиромашни луѓе, кои не располагаат со повеќе од 100 или 200 денари дневно за трошење. За нив компјутер и брз интернет се мисловни именки.

Проблем е и опременоста на самите училишта. Претпоставувам дека онлајн наставата, наставниците и професорите ќе ја вршат од училниците. Тоа подразбира дека во тие училници веќе има компјутери и интернет. Не, нема во сите!

Ќе ви откријам еден пример. Кога мојата постара ќерка тргна на училиште, сите родители на децата од нејзиното одделение дониравме по 500 денари за да се купи нов компјутер и печатач, со цел наставничките да бидат во состојба на децата да им печатат контролни работи и тестови, но и да се користат одредени наставни помагала кои постојат само во електронска форма. Затоа и од парите што дополнително се собираат од родителите, а се користат за купување на листови за пишување и цртање, за тоалетна хартија, течен сапун, делумно се трошат и на стикчето за интернет, кое месечно се надополнува со ваучер. Доколку истото стикче се користи и за онлајн настава, тогаш воопшто и не треба да се надеваме дека децата ќе добијат какво било образование.

Веројатно е дека нема да биде така, дека општините во текот на овој месец ќе спроведат интернет во училниците, а таму каде што недостига, ќе бидат монтирани и компјутери. Ќе има и сапун и тоалетна хартија, работи кои пред пандемијата ги обезбедувавме сами.

Ако го вратиме филмот наназад, на почетокот од новиот милениум Македонија беше прогласена за првата вај-фај земја во светот, откако една приватна компанија која одамна не постои успешно реализираше меѓународен проект за поставување на вај-фај уреди за интернет на секое училиште во државава. Неколку години подоцна се спроведе и владиниот проект „компјутер за секое дете“. Но, денес кога потребата е огромна, ние кубуриме и со компјутери и со интернет во училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот