Омерагиќ: Вредноста на оваа репрезентација не смее да зависи од еден резултат
Најдобрата македонска фудбалска репрезентација не успеа да обезбеди пласман на Светското првенство 2026 откако доживеа елиминација во полуфиналето од плејофот против Данска во Копенхаген (4:0).
Препорачано
Беше одигран и пријателски натпревар во Даблин против Ирска кој заврши без голови (0:0).
Новиот селектор Гоце Седлоски и неговиот стручен штаб во следниот период се очекува да направат една добра и длабока анализа на сè што е направено во изминатиот период, што мора да се поправи, во кои делови од играта на теренот треба да има подобрување пред следните предизвици.
А новите мечеви ќе дојдат во септември годинава во Лигата на нации, односно во Лигата Б, во која ќе имаме силни противници како Швајцарија, Словенија и Шкотска.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ вели дека и кога губиме, треба да останеме силни:
– Едно поглавје останува зад нас, сега сме пред нов предизвик. Македонската репрезентација не е само резултат. Тоа е чувство, припадност и гордост. Затоа, кога победуваме, да останеме приземни, а кога губиме, да останеме силни. Вредноста на оваа репрезентација не смее да зависи од еден резултат. Ова е наше. И кога победуваме и кога губиме. Поддршката не е аплауз само за победа, туку карактер во пораз. Како федерација создаваме услови во кои селекторот и фудбалерите имаат фокус да работат. Ќе направиме сè што треба, за тие да мислат само на играта, а ние на нив. Останува најважното, да бидеме заедно. Затоа што ова не е само тим. Ова сме ние – се зборовите на Омерагиќ.


