Одобрени 17, се градат 87 бунгалови во „Радика вилиџ“!

Дури 87 станбени објекти никнуваат во Леуново во рамките на Националниот парк „Маврово“ / Фото: Radika Village / Скриншот

Општина Маврово-Ростуше, на инвеститорот ДТТУ „Радика резорт“ ДОО увоз-извоз село Леуново, уште во 2018 година му одобрила изградба на седум објекти-депанданси, односно бунгалови „тип 2“ (објект од втора категорија) на една од катастарските парцели, како и за 10 бунгалови „тип А“, кои се водат како објекти за комерцијални и деловни намени од втора категорија. Ова од добиената документација го утврдил Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кој беше во вонредна инспекција на терен, откако медиумите известија дека 87 вили се градат во Леуново, во рамките на Националниот парк „Маврово“, а немаат дозволи за градба.

Поради низа неправилности, поведена е постапка кон правното лице „Радика резорт“ ДООЕЛ с Леуново. Од ДИЖС велат дека Општина Маврово-Ростуше со решение од септември 2021 година наредила отстранување на девет типски објекти на „Радика резорт“ ДООЕЛ во одреден временски рок, кои се во фаза на градба, без соодветно одобрение за градба.

Голем зорт од „Радика резорт“ 

ДИЖС утврдил многубројни неправилности во работењето на хотелскиот комплекс „Радика“. Хотелот не плаќал надоместок за користење на води, иако бил обврзан со Законот за води, но исто така и зафаќал вода од извори во селото Леуново, а немал поставено мерач на проток. Да биде проблемот посериозен, отпадните води од хотелот сѐ уште непречистени се влеваат директно во Мавровското Езеро, иако резортот „Радика“ беше уште минатата година задолжен од ДИЖС да изгради пречистителна станица. Планираната изградба на 87-те вили само дополнително би го оптовариле екосистемот на Мавровското Езеро и на самиот национален парк со огромни количества непреработени загадени отпадни води, сметаат од ДИЖС.

Електрани на Северна Македонија ЕСМ во својот допис од февруари годинава дала негативно мислење за изградбата на спорните 87 куќи на комплексот „Радика“.

„Опфатот зафаќа во акумулација Маврово (под кота 1.233 м.н.в.) и излегува во заштитниот појас од 50 метри од максималната кота на акумулацијата, дефиниран во Законот за води како заштитен појас, во кој не треба да се планираат и изведуваат градежни активности“. Според ЕСМ, не може да се даде согласност за изработка на планираниот АУП во предложените граници на опфат, туку треба во еден дел кој се наоѓа под заштитниот појас од 50 метри, да се коригира.

ДИЖС: ЕСМ во 2010 година различно мислело отколку денес

Според ДИЖС, мислењето на ЕСМ е контрадикторно со документот издаден од ЕСМ во 2010 година, во кое компанијата дала позитивното мислење за регуларноста на градење на објектите на истата парцела. ДИЖС побарал од Државен инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши инспекциски надзор на постапката за носење Архитектонско урбанистички проект (АУП) за формирање градежна парцела во рамките на катастарската парцела 934/1 КО Леуново, со намена Б5, за хотелски комплекс, од април 2018 година, и да биде известен во рок од 10 дена.

Градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски, за „Слободен печат“ пред неколку дена изјави дека инвеститорот на спорниот комплекс на вили крај хотелот „Радика“ поднел барање за одобрение за градба, но сѐ уште го нема добиено поради реакциите на јавноста за нивната изградба. Куртовски потврди и дека, откако било поднесено барањето, тие си почнале да градат без да чекаат издавање на одобрението. Градоначалникот тогаш тврдеше дека 87-те куќи во Леуново нема да можат да се легализираат додека не биде изградена пречистителната станица за отпадните води.

Менаџерот на „Радика“ на пат уште 10 дена, вилите од „Радика вилиџ“ на продажба

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со инвеститорот, односно менаџерот на проектот за вилите во Леуново, но од администрацијата на хотел „Радика“ ни беше соопштено дека лицето чиешто име не сакаа да го кажат, ќе биде на пат уште 10 дена. Во меѓувреме, на интернет постои страница на која се рекламираат и продаваат вилите во близина на хотел „Радика“, под име „Радика вилиџ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот