Фото: Lupe Bogi

Одличен старт на „Таксират“: „Оникс“ и „Дубиоза колектив“ меѓу изведувачите што приредија вечер за паметење

Првата вечер од годинашното издание на „Таксират“ се одржа во саботата во арената „Борис Трајковски“ и понуди разновидна музичка програма која ја исполни салата. Фестивалот, кој годинава за првпат има дводневна главна програма, го отвори својот прв дел со метал, хип-хоп и балкански ритмови, обединувајќи повеќе жанрови во една вечер по која „Таксират“ е препознатлив речиси три децении.

Програмата започна со настапот на италијанскиот метал бенд „Лакуна коил“, предводен од Кристина Скабија, еден од најистакнатите женски вокали на европската метал сцена. Нивниот сет ја загреа публиката уште од самиот старт, воведувајќи ја арената во првото жанровско поглавје на вечерта.

Следеше хип-хоп настапот на ЛД Пистолеро, кој заедно со диџеј Гоце и Ронин изведе дел од материјалот од албумот „Друга клапа“. Неговиот појавување ја надгради енергијата во салата и го претстави најновиот домашен хип-хоп звук на големата фестивалска сцена.

Публиката одлично реагираше на појавата на Езхел, чие враќање во Скопје беше проследено со преполн простор пред сцената. Со мешавина од трап, хип-хоп и реге влијанија, турскиот артист уште еднаш ја потврди својата исклучителна популарност кај локалната публика.

Едни од најочекуваните изведувачи, „Дубиоза колектив“, како и секоја година предизвикаа масовна еуфорија и ги потсетија присутните зошто токму нивниот настап е неизоставен дел од фестивалската традиција.

Вечерта ја заокружија американските хардкор хип-хоп легенди „Оникс“, кои повторно настапија во Скопје по пауза од 15 години. Нивниот настап беше едно од најкоментираните појавувања на првиот ден.

Паралелно со главната програма, на „Шорти Пи“ сцената, именувана по раперското име на Владимир Блажев – Панчо, се одржа хип-хоп вечер посветена на неговото наследство. Таму настапија Нести, Огипсилон, Секси Марса, Донплеја, Принцес Донатсу, Бон Праскиза и Ајри Скреч, нудејќи континуирана хип-хоп атмосфера во чест на Панчо, кој остави значаен траг на домашната сцена.

Првиот ден заврши по полноќ, а „Таксират“ продолжи во неделата со техно програма и 12-часовна журка предводена од Свен Ват и домашните диџеи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот