Одбраната тврди: Камчев е болен и изложен на тортура!

Орце Камчев/ Фото: СП. / Драган Митрески

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев, кој е во притвор за обвинението „Плацеви на Водно“, тврди дека врз нивниот клиент се врши репресија и тортура, а дека тој е со влошена здравствена состојба.

Адвокатите велат дека судот не прифаќа да го замени неговиот затворски притвор со домашен и покрај тоа што Вишото јавно обвинителство пред два дена ја прифатило гаранцијата што бизнисменот ја понудил.

Адвокатите на Камчев додаваат дека по четири месеци ефективен притвор Камчев бил со видливо влошена здравствена состојба, која продолжувала да се влошува поради несоодветни медицински и санитарни услови во КПУ Затвор Скопје.

„По неговото последно влошување на состојбата, додека ја издржува мерката притвор и неговата хоспитализација на Клиниката за кардиологија, со оглед на ситуацијата, постои голема загриженост за сериозен ризик за неговото здравје“, се вели во јавната реакција на одбраната.

Во текстот се додава дека Јавното обвинителство е овластен предлагач на мерките за безбедност и дека според досегашната судска практика на кривични постапки, судот секогаш ги засновал своите одлуки за определување мерки според предлозите од Јавното обвинителство.

„Оттука целосно небулозно е ваквото постапување на судот, кое не содејствува со законски определената улога на судот во кривичната постапка, па поради тоа се отвора и прашањето за независност и непристрасност на судот во случајот со господинот Камчев“, посочуваат адвокатите на Камчев.

Камчев е во притвор од 14 март и треба на 16 јули да седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 за обвинението познато во јавноста како „Плацеви на Водно“. За тој случај се обвинети и поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ. (Г.Н.)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот