Од теорија во пракса: Од денеска матичен лекар може да ви препише лек за 5-те најчести хронични болести

Системот „Мој Термин“ од денеска е надграден и лековите што се одобрени за висок крвен притисок, дијабетес, астма, проблеми со намалена функција на тироидната жлезда и хронично-опструктивна белодробна болест и сега може да ги препишуваат матичните лекари во пракса. Ваквиот чекор е дел од најавените реформи во примарната здравствена заштита која ќе се случува и во наредните три години, а со чија цел се прави обид најголемиот дел од услугите пациентите да ги завршуваат кај својот семеен, матичен лекар наместо кај специјалист. Специјалистите се резервирани да работат покомплицирани интервенции и животозагрозувачки состојби, додека матичните лекари ќе ги водат пациентите со хронични болести без да ги препраќаат на специјалист за секоја административна работа.

-Доктори сме, ама досега имавме бариера. Компетенциите ни беа признаени ама никако не можевме да ги имплементираме. Троцифрена е бројката на специјалисти по семејна медицина со признаени верифицирани дипломи од Лекарска Комора, светот не признава а ние не можевме да работиме. Со овие промени се отстранува бариерата, ќе работиме по протокол и клинички патеки. Она за кое сме учеле ќе го имплементираме. Од оваа промена бенефит ќе имаат сите хронични пациенти и семејствата кои не сакаат да одат напразно на специјалист, категоријата на стари лица, со повеќе болести. Сите тие пациенти ние треба да ги водиме и да правиме проценка дали се контролирани. Имаме точно критериум според протоколот кога треба да ги упатуваме на специјалист, изјави доктор Марта Тунџева, долгогодишен матичен лекар.

За матичните лекари за да може уште поефикасно да работат потребно е доекипирање и апарати. Протоколите опфаќаат дигитализација, модернизација на електронскиот систем и ингеренциите за дијагностички систем и сето тоа треба некако да се мери, дали пациентите се превенирани и контролирани.

Доктор Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита најави дека наскоро на матичните лекари ќе им се даде можноста да издаваат и лабораториски упати кои досега им биле надлежност само на специјалистите.

-Ќе се прошири и листата на лекови но согласно програмата зацртана во реформите. Да обезбедиме квалитет, преку протоколи што предвидуваат точно кога какви лекови може да се препишуваат. Така ќе ги заштитиме пациентите и правно ќе ги заштитиме лекарите, рече доктор Мехмедовиќ.

Министерот за здравство Фатмир Меџити смета дека со фактот што на матичните лекари им се дава овластување да препишуваат вакви лекови, ќе се елиминираат метежите на Клинички Центар каде пациенти од внатрешноста доаѓаа само за да земат документ од специјалист.

-Вака ќе им дозволиме на професионалците од секундарно и терциерно здравство да се фокусираат на наука. Целта ни е Медицински факултет да биде рангиран повисоко на Шангајската листа, рече Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот