Од каде му е моќта на Лукашенко да приземји авион – Западот вели од Путин, ама со пола уста

Фото: EPA-EFE/SERGEI BOBILYV / SPUTNIK / KREMLIN

По спектакуларното приземјување на авионот на комерцијалната авиокомпанија Рајанер и апсењето на белорускиот новинар Роман Протасевич во Минск, прстот не е вперен само кон претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко туку има индиции дека целата операција ја аминувал рускиот претседател Путин.

Имено, „Бизнис инсајдер“, анализира дека белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко многу се потпира на поддршката на Путин, од економска, воена и политичка гледна точка. Затоа, се смета дека е малку веројатно дека Лукашенко би направил таков потег без „благослов“ на рускиот претседател, со кого во петок ќе се сретне во Сочи.

И британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб во понеделникот рече дека „е многу тешко да се поверува дека овој вид на акција може да се преземе без барем согласност на властите во Москва“. Раб додаде дека сепак нема цврсти докази за вмешаност на Русија.

„Белорусија не би киднапирала европски авион без руско одобрување“, порача историчарот на Јеил, Тимоти Снајдер на Твитер.

Дека „има нешто“ покажува и фактот што чинот на белоруските власти сите светски лидери го осудија како „киднапирање“, само Русија по инцидентот продолжи да и нуди поддршка на Белорусија и ги отфрли сомнежите за нејзина вмешаност како „опсесивна русофобија“.

„Безобразен, шокантен чин“

Летот на „Рајанер“,  на релација од Грција до Литванија, слета во Минск поради наводната закана за поставена бомба, за која подоцна се покажа дека е лажна. Да биде драмата поголема, авионот принудно слетал придружуван од белоруски борбен авион, а после тоа бил уапсен белорускиот дисидент кој живеел во Вилнус, Роман Протасевич, како и неговата девојка Софија Сапега, руска државјанка.

26-годишниот Протасевич од 2019 година не живее во Белорусија но важи за голем противник на Лукашенко, кој по августовските избори успеа да си обезбеди уште еден претседателски мандат во Белорусија. Младиот Роман од егзил продолжи да се бори против режимот на Лукашенко преку канал на социјалната мрежа Телграм.

Во неделата американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги осуди белоруските власти за „дрзок и шокантен чин“, додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека постапките на Белорусија се „разумни“. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова  на Фејсбук ги обвини западните земји за лицемерие

„Шокантно е што Западот го нарекува инцидентот во белорускиот воздушен простор шокантен“, рече таа.

Лукашенко го кани Бајден во Минск

Лукашенко за првпат во средата зборуваше за инцидентот. Тврдеше дека не знаел дека Проташевич е во авионот, но дека сигурно ќе издадел наредба за слетување. Тој го обвини Западот дека се обидел да го искористи инцидентот за да води хибридна војна против него. Тој рече дека се преминати многу „црвени линии“ и изјави дека Проташевич планира да изврши крваво востание во Белорусија.

– Имајте на ум дека Белорусија е центар на Европа. Ако нешто пробие тука, тоа би значело нова светска војна – го предупреди Лукашенко и го покани Бајден да дојде во Минск „ако сака да зборува за Белорусија“.

„Слејт“ пишува дека потпалувачките и честопати контрадикторни изјави доаѓаат директно од прирачниците за пропаганда на Кремљ, што укажува на блиска интеракција на интересите меѓу двата режима и веројатно влијание на Путин, потенцијално во инцидентот со авионот.

Премногу лесен плен за Кремљ

Иако Русија е осомничена дека е вмешана во целата ситуација, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден избегна да изнесе какви било експлицитни обвинувања. Дискутирајќи за можната улога на Русија во инцидентот, портпаролот на Белата куќа Џен Псаки во вторникот изјави:

– Јас не дадов никакви индиции дека го имавме тој став вчера и тоа не се смени. Ние не веруваме дека е така, истакна Псаки.

Во понеделникот, Бајден рече дека ги поддржува европските напори за санкционирање на Белорусија и повика на итно ослободување на Протасевич. Белата куќа во вторникот објави дека Бајден ќе се сретне со Путин лице в лице, за првпат откако американскиот претседател влезе во Белата куќа. Самитот ќе се одржи во јуни во Женева.

Некои аналитичари сметаат дека авионскиот инцидент ѝ е од корист на Русија, во смисла дека го турна Лукашенко уште подалеку од Западот.

– Лукашенко станува полесен плен за Кремљ. Како изолирана земја, на Белорусија ќе биде сè потешко да се одбрани од барањата на Кремљ за воведување на единствена валута, распоредување на воздушни бази и пристап до профитабилни белоруски економски средства, изјави за АП аналитичарот од Минск Александар Класкуски.

„Одличен тест за Западот“

Тимоти Еш, стратег во компанијата Blueberry Asset Management, во понеделникот изјави дека Лукашенко сега „целосно му завидува на Путин за неговиот опстанок на власт“ и дека нема да ја ризикува својата врска со Кремљ преземајќи таков потег како киднапирање на авион без да добие „зелено светло“ од Путин.

– Мислам дека ако некој се сомневаше дали Лукашенко беше „во сè“ со Путин … ова испраќа звучен одговор. Нема мостови што се протегаат на Запад и тој е подготвен да го предаде суверенитетот на Белорусија за да ја спаси сопствената кожа – рече Еш, додавајќи дека ова е „одличен тест за ЕУ ​​и Западот“.

– Дали сега ја разбираат заканата за западната либерална демократија на пазарот?  праша тој.

– Ова не е само дефанзивен чин на Лукашенко, туку целосен фронтален напад на ЕУ – на авион на ЕУ што патува меѓу два европски метропола, исфрлен од линијата од автократскиот режим. Ако Западот му дозволи на Лукашенко да се извлече од ова, ниту една западна авиокомпанија нема да биде безбедна додека лета над која било автократска земја. Небото и неистомислениците не се безбедни.

Емре Пекер, директор за Европа на консултантската група „Јурејжа Груп“, рече дека инцидентот со авионот најверојатно ќе ја турне Белорусија поблиску до Русија, објави Си-Ен-Би-Си.

– Но, обвинувањата за учество на Русија дополнително ќе ја комплицираат можноста на Европската унија да реагира ефикасно врз Белорусија. Москва ја обвинува ЕУ за двојни аршини и ќе ги брани потезите на Минск во инцидентот. Слично на тоа, какви било нови европски санкции ќе ја привлечат руската осуда како мешање на Западот.

Слаба употреба на санкции

Метју Шервуд, аналитичар во Единицата за економско разузнавање, рече дека целата епизода покажала „колку малку санкциите влијаат врз внатрешната политика во Белорусија“.

– Не очекуваме дека новиот бран на западни санкции ќе има понатамошно реално влијание врз домашната состојба и веројатно ќе ја приближи Белорусија уште поблиску до Русија – се согласува Шервуд со другите аналитичари.

Си-Ен-Би-Си пишува дека во очите на Русија, Белорусија нуди можност да се изврши економско и политичко влијание во регионот и пригоден ѕид за, како што смета, европското нарушување на нејзините поранешни територии, како што е Украина. Познато е дека Путин се залага за стабилност и предвидливост, па затоа тој претпочита да го задржи долгорочниот лидер како Лукашенко на власт, бидејќи врз него може да има влијание, наместо да го менува режимот.

Путин го зајакнува своето влијание врз Лукашенко

Влијанието на Путин врз Лукашенко се зајакна неодамна, кога рускиот претседател во септември минатата година и даде на Белорусија заем од 1,5 милијарди долари и се согласи да ги зајакне трговските врски. Овој потег нашироко се сметаше како гест за поддршка на Лукашенко по масовните протести и повиците за негова оставка по сомнителните избори минатиот август, на кои тој го освои шестиот мандат 

Некои аналитичари, сепак, истакнаа дека режимот на Лукашенко станува сè понепредвидлив, можеби охрабрен од односите со Русија. Најџел Гулд Дејвис, поранешен британски амбасадор во Белорусија, смета дека инцидентот покажал дека „Лукашенко сега е меѓународна закана, не само за сопствениот народ“.

– Второ, тоа покажува колку се чувствува несигурен додека ги минувал сите тие тешкотии со цел да затвори новинар и да ризикува меѓународен гнев и осуда за кршење на меѓународните права на најфлагрантен можен начин. Тој покажува дека навистина не се грижи за загрозување на животот на европските и американските граѓани, само за да дојде до една личност која најавува репресија врз сопствениот народ – посочи тој.

Дејвис исто така истакна дека ако е точно дека белоруски агенти на КГБ биле на летот, како што верува извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири, тоа значи дека оваа разузнавачка служба е активна во странство.

– Ова ја покажува меѓународната димензија на заканата што овој режим ја претставува врз земјите околу него – заклучи тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот