OД ХРАНА ЗА СИРОМАШНИ ДО ДЕЛИКАТЕС: Чварките се поскапи од лосос, пршута и француско сирење, а еве зошто цената е толку висока
Некогаш чварките, сланината и маста се сметаа за храна за посиромашните, но судејќи според цените и побарувачката, се чини дека овој деликатес се поретко се наоѓа на домашните трпези. Па така, денес за еден килограм чварки можете да купите два до три килограми свински бут.
Во големите маркети за килограм свински бут треба да платите од 320 до 360 денари, додека за еден килограм чварки цените се околу 700 денари. Мора да се напомене дека во маркетите се продаваат помали пакувања од 200 грама, а нивната цена е од 210 до 240 денари, па така доколку сакате да купите 5 пакувања (еден килограм) цената изнесува преку 1.000 денари.
Постојат повеќе причини за високата цена. Продавачите честопати велат дека чварките чинат колку што се бараат, но една од најчестите причини во случајот со чварките е тоа што во јавноста има уверување, па дури и меѓу нутриционистите, дека маснотиите се многу поздрави од маслото.
– Чварките се деликатес, и кога секогаш ги имаме тие веднаш се продаваат, затоа што сите ги бараат. Тоа е еден вид храна што никогаш не можеме да ја оставиме за подоцна, а факт е дека добивате многу помалку чварки и сланина од една свиња, отколку да речеме пршута или бут. Ние произведуваме наши чварки и еден килограм чини 600 денари, но ги продаваме во помали пакувања, во зависност од желбите на купувачите – вели вработен во една месарница.
Малите производители велат дека цената е диктирана од тоа колку е популарен еден производ, а факт е дека во овој период од годината е значително зголемена побарувачката за сланината и чварките. Тие исто така велат дека кај новите раси, таканаречените бели свињи, можеби има околу 10 проценти маснотии и се проценува дека тоа е главната причина зошто цената на т.н. „свински чипс“ е релативно висока.
Кај нас традиција е оние кои купуваат цела свиња, а која се продава по околу 120 денари за килограм (жива мера), или си одгледуваат, самите да си прават чварки. Сепак има и такви кои сакаат да си купат свинска сланина, која се продава од 115 до 130 денари, и самите да си ги подготват чварките. Но доколку се земе пресметката дека за 10 килограми свинска сланина би требало да се одвојат околу 1.200 денари, а од тоа ќе се добијат околу 2 килограми чварки, тогаш излегува дека еден килограм би чинел 600 денари.
Многумина ќе се сложат дека многу од тие што се продаваат во месарниците и маркетите не се ниту близу до она што беа порано домашните чварки, па оние кои се љубители, не им преостанува друго освен да си ги направат сами.
– Јас со пријателите речиси секоја година купуваме околу 20 килограми свинска сланина и ги приготвуваме во домашни услови. Ова повеќе го правиме за дружење меѓу нас, отколку да подготвиме чварки за дома, затоа што речиси половината од добиените чварки ќе ги изедеме додека се топли со винце или ракиичка – вели Горан.
Инаку на страниците за рекламирање забележавме дека луѓето кај нас и од ова гледаат да заработат некој денар плус, затоа што има огласи во кои се продаваат домашно подготвени чварки и цените се движат од 650 до 750 денари за килограм.