Од Холивуд до „Вест Енд“: Квентин Тарантино ја замени филмската режија со сценската магија
Режисерот Квентин Тарантино работи на нова британска театарска претстава чија премиера би можела да се одржи следната есен на сцената на „Вест Енд“. Иако одлучи да не го режира филмот „Авантурите на Клиф Бут“ (продолжение на филмот „Си било еднаш во Холивуд“) и претходно го откажа проектот „Филмски критичар“, Тарантино планира да се врати на режисерската сцена со оригинална драма што самиот ја напиша.
Препорачано
Според пишувањата на „Дејли Мејл“, станува збор за старомодна британска фарса која би се изведувала на „Вест Енд“ и ќе вклучува актерска екипа во физичко-комичен стил, слично на претставата „Noises Off“.

Изворот наведува дека премиерата на претставата може да се случи следната есен. Тарантино уште во август, гостувајќи во поткаст, најави дека ја напишал претставата и дека планира да посвети од една и пол до две години на нејзина реализација.
Во проектот би можел да ангажира некои холивудски ѕвезди, додека ансамблот би можел да биде составен од актери во подем и веќе афирмирани имиња.
Режисерот, кој живее во Израел со сопругата Даниела Пик, неодамна се појави и пред камерата на велшкиот независен режисер Џејми Адамс, тогаш тој изјави дека Тарантино е природно талентиран актер.
Во меѓувреме, филмот на Дејвид Финчер „Авантурите на Клиф Бут“, за кој Квентин Тарантино го напиша сценариото, ќе биде достапен на Нетфликс подоцна оваа година.


