Вечерва започнува јубилејното 70. издание на Евровизија
Со првото полуфинале што ќе се одржи вечерва во Виена, официјално започнува јубилејното 70. издание на Изборот за песна на Евровизија – музичкиот спектакл кој со децении е еден од најгледаните телевизиски настани во Европа.
Препорачано
Годинава домаќин е Австрија, по победата на Џеј-Џеј со песната „Wasted Love“ во 2025 година, а трите евровизиски вечери ќе се одржат во арената „Винер Штадхале“.
На натпреварот ќе учествуваат 35 земји, што е најмал број учесници од 2003 година наваму. Двете полуфинални вечери се закажани за 12 и 14 мај, додека големото финале ќе се одржи на 16 мај.
Водители на годинашниот Евросонг се австриските телевизиски ѕвезди Викторија Сваровски и Михаел Островски, додека од т.н. зелена соба ќе известува Емили Басвајн.
Светлосен спектакл од 210 тони
Организаторите уште пред почетокот на евровизиската недела ја претставија спектакуларната сцена во „Винер Штадхале“, која важи за една од технички најамбициозните во историјата на натпреварот.
Сцената се простира на повеќе од 2.000 квадратни метри, тежи околу 210 тони и содржи повеќе од 8.500 индивидуално контролирани ЛЕД-светилки и 80 механизми за движење на осветлувањето, кои создаваат ефект на таканаречен „светлосен балет“. За првпат во историјата на Евровизија, целото сценско осветлување е базирано исклучиво на енергетски ефикасна ЛЕД и ласерска технологија.
Во центарот на сценографијата доминира огромна закривена ЛЕД-инсталација во форма на лист, која симболизира обновување и креативност, додека низ сцената се протега голема закривена линија што треба да ја претставува поврзаноста меѓу земјите учеснички. Целиот дизајн е инспириран од виенската сецесија и архитектонското наследство на австриската престолнина.
Автор на сценскиот концепт е германскиот дизајнер Флоријан Видер, кому ова му е десетта евровизиска сцена во кариерата. Тој претходно работел на Евровизиите во Базел, Малме, Ротердам, Тел Авив, Лисабон, Киев, Виена, Баку и Диселдорф, но и на големи телевизиски продукции и концерти на светски музички ѕвезди.

Политика, бојкоти и најголемата криза во историјата на натпреварот
Иако Евровизија традиционално се претставува како музички и неполитички настан, годинашното издание е обележано со сериозни контроверзии поврзани со учеството на Израел и војната во Газа.
Дури пет земји – Исланд, Ирска, Холандија, Словенија и Шпанија – одлучија да ја бојкотираат Евровизија 2026 во знак на протест поради дозволата Израел повторно да учествува на натпреварот. Станува збор за најголем бојкот во историјата на Евросонг уште од 1970 година.
Неколку национални телевизии ја обвинија Европската радиодифузна унија за недоволна транспарентност околу гласањето, особено по контроверзиите на минатите две изданија, кога израелската влада спроведуваше масовни онлајн кампањи за промоција на своите претставници. Како резултат на тоа, годинава се воведени и измени во системот на гласање – бројот на дозволени гласови е намален, а жирито е проширено од пет на седум членови.
И покрај бојкотите, неколку земји повторно се враќаат на Евровизија. Бугарија се враќа по тригодишна пауза, Романија по две години, а Молдавија повторно е дел од натпреварот по едногодишно отсуство.

Вечерва стартува првата полуфинална битка
Во првото полуфинале вечерва ќе настапат 15 земји, меѓу кои Шведска, Финска, Србија, Полска, Грција и Израел. Вечерта ќе ја отвори Молдавија со Сатоши и песната „Viva, Moldova!“, а последна ќе настапи Србија со групата „Лавина“ и песната „Крај мене“.
Големо внимание привлекува и настапот на Финска, која според гласањето на фан-клубовите ОГАЕ важи за главен фаворит за победа со песната „Liekinheitin“ на Линда Лампениус и Пит Парконен. Меѓу фаворитите се споменуваат и Данска, Австралија и Шведска.
Полуфиналната вечер ќе ја отвори легендарната Вики Леандрос со изведба на „L’amour est bleu“, песната со која Луксембург победи на Евровизија во 1967 година. Организаторите најавуваат и специјални интервални настапи, акробатски перформанси и музички сегменти инспирирани од австриската култура.
Во големото финале на 16 мај ќе настапат 25 земји – домаќинот Австрија, автоматски квалификуваните Велика Британија, Франција, Германија и Италија, како и по десетте најдобри од двете полуфиналиња.


