Обвинителството поднесе претставка за Хајрулахи до Адвокатска комора
Обвинителството му поднесе претставка за поранешниот обвинител, а сегашен адвокат Мустафа Хајрулахи до Адвокатската комора и нејзиниот претседател Љубомир Михајловски за клевети, лични навреди и невистини за обвинители.
Препорачано
Претставката е потпишана од в.д. обвинителката Анита Тополова Исајловска. Во претставката Обвинителството бара да се огради и да го повика на одговорност Хајрулахи.
Навредите биле кажани во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
-Ви укажуваме дека во споменатата емисија од страна на лице кое извршува функција адвокат беа изречени бројни клевети, лични навреди и невистини за одредени јавни обвинители, како и за состојбите во Јавното обвинителство, а со тоа е нанесена штета на угледот на јавнообвинителската институција во целина.
Јавното обвинителство во целост ги отфрла ваквите неосновани напади, кои претставуваат обид за лична дискредитација и директно нарушување на уставно и законски гарантираната самостојност на јавните обвинители и на обвинителството. Ваквиот јавен настап е спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот за професионална етика на адвокатите кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, што вклучува и изнесување невистини и навреди на лична основа кон професионалци и кон други државни органи.
Ваквите напади и обиди за дискредитација се спротивни и на општиот принцип број 1 од Кодексот за професионална етика на адвокатите со кој адвокатот не смее да дозволи неговите лични интереси да влијаат врз неговата независност – пишува во претставката.
Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“, базирано на наводи дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, тој користел хиерархиска надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што наводно им се заканувал дека „ќе ги дигнел на клоци“ или „ќе ги фрлел од 6-ти кат“ и се обидувал да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани.
Хајрулахи ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување, поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на СЈО.


