Обвинителката која беше избрана да го менува Хајрулахи пратила допис до Советот на јавни обвинители за повлекување од функцијата
Обвинителката Наташа Крстевска Цалева до Советот на јавни обвинители испратила допис, молба за повлекување од функцијата на која беше назначена пред една недела времен раководител на Вишото јавно обвинителство, односно требаше привремено да го заменува суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.
Препорачано
Според неофицијалните информации на „Слободен печат“, таа во молбата како причина за повлекување го наведува недоволното искуство, а нејзиниот допис ќе се разгледува на седницата на Советот на јавни обвинители која е закажана за во 10.30 часот.
Токму назначувањето на Крстевска Цалева, Владата го наведе како причина за почнување на постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Според Владата нејзиното назначување кое едногласно го изгласа Советот на јавни обвинители на предлог на Коцевски, било незаконски, а Коцевски во писмена изјава демантираше дека таа била назначена за вршител на должност и ја коригираше Владата дека таа е изгласана за времен раководител на Вишото јавно обвинителство, пракса која постоела и претходно.
Предлогот на Министерството за правда за разрешување на Коцевски денеска ќе се најде на владина седница.


