Обвинението за одавање на службени тајни на првата антикорупционерка Димитровска – „најматен“ настан за јули според Транспаренси
Како дел од проектот „Бистро-матно“ за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл – Македонија“, ги објави настаните кои беа актуелни во јули.
Препорачано
Како дел од „матните“ настани во месец јули предничи поднесеното обвинение против претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска за одавање на службени тајни на обвинет во случајот Адитив.
-Димитровска вадела и фотографирала податоци од предметите на Антикорупциската комисија кои се однесуваат на набавки на адитиви во енергетскиот државен сектор и за набавка на мазут на обвинетиот Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“ и поранешен директор на ТЕЦ Неготино. Но, шпкантно е што при проверката на службениот телефон на Димитровска во рамките на истрагата било откриена дека таа и уште еден државен службеник односно ревизор направиле фалсификката и упад во системот за класифицирани информации. Димитровска „најмила“ колега-ревизор (таа пред функцијата претседател на ДКСК беше ревизор во ДЗР) кој со нејзини шифри и кодови влегувал и во нејзиното име ги следел предавањата и ги полагал тестовите за таа да добие сертификат „државна тајна“ – велат од Транспаренси.
Како втор најматен настан за јули е Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во Македонија за 2025 година, а во кој е констатирано дека Македонија продолжува да ги спроведува судските реформи, но мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозна загриженост во врска со независноста на судството.
„Стари болки во нов извештај на ЕК за Македонија – Да се почитува принципот на поделба на власта, да се спречат натамошни негативни последици од измените на Кривичниот законик, да се спроведе ефективна имплементација за антикорупциски реформи, за независно судство…Ова се само дел од наводите во Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година. „Северна Македонија продолжи да ги спроведува судските реформи, но мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозни загрижености во врска со независноста на судството“, се вели во извештајот.Од ЕК посочуваат дека сегашните основи кои може да доведат до разрешување на главниот обвинител, вклучуваат широки дефиниции, како што е „несоодветно однесување што го нарушува угледот на јавното обвинителство“, што остава простор за правна несигурност и политизација на разрешување на главниот обвинител.Комисијата наведува дека загриженост предизвикале и некои случаи во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта, а како еден од нив ги посoчува најавите од владино ниво за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, се вели во извештајот на Транспаренси.
Како трет „матен“ настан за јули е обвинението против 36 лица поради злоупотреби при доделување на права за туѓа нега и инвалидска пензија.
„По неколкумесечна истрага, од обвинителството тврдат дека осомничените, како дел од две криминални групи посредувале и овозможувале незаконско стекнување право за инвалидска пензија и туѓа нега за што наплаќале помеѓу 150 и 5.000 евра. Десетмина се товарат за злосторничко здружување, давање поткуп и примање награда за противзаконито влијание, петмина се обвинети за злосторничко здружување и примање поткуп, додека останатите 19 лица се обвинети за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание…“ велат од Транспаренси.
Исто така, како дел од матните настани се и ревизорските извештаи за работењето на Фондот за здравствено осигурување, Државното правобранителство, ЈП за стопанисување со спортски објекти, Министерството за здравство и Основниот суд Прилеп. Државните ревизори ја чешлаа работата на државните институции, во кои се работело со низа пропусти.
Како последен матен настан според Транспаренси за месец јули е констатираниот прекршок од страна на корупционерите. ДКСК констатирала прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси кај професор и заменик-директор на Институтот за сточарство.
„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство и рибарство при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”. Членот на Комисијата, Зоран Богоевски, информираше дека ДКСК констатирала дека службеното лице сторило прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Имено, имало деловни активности меѓу Институтот и одредено правно лице, кое било предмет на инспекциски надзор од страна на Инспекторатот. Од страна на Инспекторатот при инспекциски надзор било констатирано дека во правното лице, согласно на тековната состојба во Централен регистар, косопственик се јавувало лице, сопруга на службено лице вработено како професор во Институтот“, се вели во месечниот извештај на Транспаренси.
Во „бистри“ случаи на Транспаренски интернешнл – Македонија е апсењето на очна битолска докторка поради примање поткуп, поднесеното обвинение за директорот на Геријатрија кој се товари дека побарал мито во износ од 20.000 евра, поднесениот обвинителен предлог против в.д. Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на поради неизвршување и пречекорување на службени овластувања.


