О, граду на продажба…

Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Повторно за Хермодор. Оној кој граѓаните, граѓанките, малограѓаните и малограѓанките не го препознаа, иако им беше пред очи. Затоа, овој текст е повторена приказната од пред неколку месеци. Првиот пат беше раскажана како предупредување, сега е веќе погребна елегија за речиси мртвиот град. Оти, џабе што историјата е учителка на животот, кога луѓето од овој град не читаат историја, не читаат ниту колумни, не читаат ништо друго освен ливчиња од спортски обложувалници и светлечки рекламни паноа, не слушнале за Хермодор и за Хераклит, не паметат што добро или што лошо проживеале и не научиле, барем малку, да ја ценат чесноста, умереноста и умноста.

Значи, ова е преповторена приказна за оној мудрец од Ефес кого Ефежаните го протерале и го заслужиле саркастичниот коментар на Хераклит дека „би направиле добро кога сите би се обесиле, до последен возрасен човек, и својот град би им го препуштиле на малолетните деца, бидејќи од својот град го протерале Хермодор, највредниот од сите нив, велејќи: Подобро да немаме ниту еден вреден човек; но штом веќе се најде еден таков, да го избркаме нека живее кај други…

Овој текст е за градот кој стравува од вистината и се грози од убавината. За градот кој безмилосно и лудачки ги уништува своите најдобри и најдоблесни луѓе. За градот каде завидливите медиокритети и неспособни политички авторитети ги игнорираат или ги протеруваат сите свои сограѓани кои имаат личен и професионален дигнитет и авторитет.

За градот кој и во иднина ќе остане безличен, бесмислен и бессодржаен. За полуписмениот град кој живее под сенките на религиозните објекти, а своите идиотски средновековни религиозни верувања и суеверија ги смета за непорекливи вистини. За градот кој ги велича и слави своите крвници и разорувачи. За градот кој ги памети своите окупатори, а ги заборава своите ослободители. За градот каде мафијата владее. За градот кој ги развластува умните, чесните и трудољубивите, а ги востоличува и слави праматарите и насилниците. За градот во кој не само што не слушнале за Хермодор, туку никогаш не ги прочитале зборовите на Југурта (а, јас во духот на оваа колумна ќе морам повторно да ги цитирам): „О, граду на продажба, брзо ќе пропаднеш ако ти се најде купувач“. Значи ова е текст за градот кој е на продажба за ситни пари. Текст за градот кој ќе продолжи да умира. На рати.

Во меѓувреме, пред да целосно да стивне и згасне, градот повторно ќе биде безмилосно китен со рекламни предизборни постери и победнички знамиња, повторно ќе се живее во една состојба на триумфалистичко самозалажување дека овие нови избори за граѓаните, селаните и малограѓаните, сè историски, судбоносни и спасоносни!
Сосема е јасно дека и луѓето од овој град кои ја прочитале пораката и поуката од Хераклит, неа не ја сфатија. Едноставно не го забележаа и не разбраа кој е нивниот Хермодор. Или разбраа сосема обратно и – погрешно. Не очекувам дека ќе сфатат и во овој повторен обид. Барем мнозинството. Тоа ќе продолжи, во согласност со својот слугински и ситносопственички менталитет, да ја гледа само својата ситна непосредна полза и во својата епска глупост, да се воодушевува од погрешни луѓе и феномени. Да коленичи и да слугува пред мафијашите. И, така, тие градски и малоградски луѓе ќе тонат во калта заедно со својот сив и валкан град.

И, на самиот крај, уште еднаш старата поука; луѓето од овој наш сив град, ако сакаат да живеат во пристојни услови со пристојна инфраструктура и култура, треба да се спротивстават на надоаѓачкото мафијашко цунами, на лажните мерилата за добро, убаво и корисно, на фаворизирањето на криминалот, вандализмот и вулгарноста во секојдневието, на протерувањето на умните и на развластувањето на способните.

Видео на денот