Нуспојави од вакцината против ковид-19: Што треба да знаете и што да очекувате по примањето на првата и втората доза

Фото: EPA-EFE/Brian van der Brug / POOL

Вакцините против новиот коронавирус што ја предизвикува болеста ковид-19 се први што се произведуваат со помош на мРНА платформа. Тие вакцини се многу ефикасни, но се и „реактогени“, што значи дека веројатно ќе предизвикаат забележителен имунолошки одговор.

Еве што советува епидемиологот Вилијам Мос, извршен директор на Меѓународниот центар за пристап до вакцините.

За полесно да разберат кои несакани ефекти може да се очекуваат по вакцинирањето против ковид-19, на интернет страницата Expert Insights на Школата за јавно здравје „Блумберг“ на Универзитетот „Џон Хопкинс“, се обратиле на вистинската адреса: му ги поставиле најчестите прашања на епидемиологот и извршниот директор на Меѓународниот центар за пристап до вакцини, Вилијам Мос, кој појаснува што треба да знаете пред и по вакцинирањето.

Кои нуспојави треба да се очекуваат од вакцините?

– Нуспојавите може да се разликуваат во зависност од видот на вакцината. За нуспојавите најмногу знаеме по вакцинирањето со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“. Најчеста нуспојава е болка на местото на инјекцијата. Другите нуспојави вклучуваат замор, главоболка, болка во мускулите, студенило, болки во зглобовите и понекогаш зголемена телесна температура.

Колку траат нуспојавите?

– Обично помеѓу 24 и 48 часа, секако не подолго од неколку дена.

Со оглед на тоа дека вакцината доаѓа во две дози, дали истите нуспојави ќе се чувствуваат по секоја примена доза?

– Досегашните испитувања покажаа дека нуспојавите се почести по примањето на втората доза.

Дали се разликуваат несаканите ефкети во зависност од производителот на вакцината?

– Нуспојавите се слични по вакцинирањето со мРНА вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, но може да се разликуваат од останатите видови на вакцини.

Зошто се чини дека тие вакцини имаат позабележливи нуспојави од вакцините против грипот?

– Тие несакани ефекти се типични за воспаление предизвикано од вакцините и се знак за имунолошкиот одговор на телото на вакцината. Некои вакцини се реактогени – поим што се користи за опишување на овие видови на нуспојави – а некои луѓе имаат посериозни реакции на другите. Нуспојавите од вакцината против ковид-19 се слични на оние кои се забележуваат по вакцината против херпес зостер.

Дали можат нуспојавите да бидат поизразени кај луѓето што се под поголем ризик од тешките болеси, кај постарите, коморбидитетите…?

– Не. Во испитувањата на вакцините, нуспојавите биле, всушност, поретки и помалку сериозни кај возрасните постари од 55 години.

Дали децата имаат нуспојави од вакцината против ковид-19?

– Децата помали од 12 одини сè уште не примиле вакцини во клиничките испитувања, па сè уште не знаеме.

Како да знаеме дали она што ни се случува по вакцинирањето е нормално или треба да се јавиме кај лекар?

– Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), советува да се обратите кај својот лекар ако црвенилото или чувствителноста на местото на кое сте ја примиле вакцината се зголемат по 24 часа, ако нуспојавите ве загрижуваат или ако ви се чини дека не поминуваат ниту по неколку дена.

Дали може да се заразиме од коронавирусот помеѓу примањето на двете дози?

– Да! Затоа е важно да се продолжи да се носи заштитна маска, да се одржува разумно растојание од другите луѓе и редовно и темелно да се мијат рацете.
Првата доза нема да пружи целосна заштита, а ќе поминат околу седум дена по втората доза пред да постигнете целосно заштитно ниво на имунитетот, кој се развива кај околу 95 отсто од примателите на вакцина. Ако пред тоа сте биле изложени на вирусот SARS-CoV-2, можно е да развиете ковид-19.

Како да знаете дали станува збор за нуспојави или за можна инфекција?

– Несаканите ефекти од вакцината обично започнуваат во рок од 12 до 24 часа по вакцинирањето, но може да биде тешко да се одделат доколку се заразите помеѓу дозите на вакцината. Ако почувствувате нуспојави што траат подолго од 48 часа, обратете се кај вашиот лекар – советува Мос.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот