Ново истражување: Кога мачките предат користат слична вокална техника како Кети Пери и Ким Кардашијан

Фото: Инстаграм / Пекселс

Научниците ја решија мистеријата за тоа како мачките предат, односно испуштаат звук што го сигнализира нивно задоволство. Во новата студија се вели дека тие користат впечатливо слична техника на „vocal fry“ (специфичен начин на создавање гласови) што го користат пејачката Кети Пери и реалити ѕвездата Ким Кардашијан, пишува „Гардијан“.

Истражувачите долго време беа збунети за тоа како животно толку мало како што е домашна мачка може да произведе длабоко резонантно предење, кога таквите вокализации обично произведуваат само животни со многу подолги гласни жици, како што се слоновите.

Со години тие веруваа дека мачките предат со помош на уникатен механизам кој вклучува циклична контракција и релаксација на мускулите во гласовната кутија.

Сепак, се покажа дека предењето бара многу помалку напор. Истражувачите предводени од д-р Кристијан Хербст од Универзитетот во Виена, ги сецирале гласовните кутии на осум мачки кои умреле од неизлечиво заболување, откако прво добиле согласност од сопственикот на мачката.

Тие потоа ги стиснале гласните жици на животните и испумпале влажен воздух низ нив – слично како механизмот што луѓето го користат за да зборуваат и да произведуваат гласови. Ова предизвикало самоодржливи осцилации или предење од сите гласовни кутии, што сугерира дека бучавата не бара постојан одговор од мозокот.

Понатамошната истрага открила присуство на маси на фиброзно ткиво вградено во гласните жици.

„Ова може да објасни како едно толку мало животно, тешко само неколку килограми, може редовно да произведува звуци на толку неверојатно ниски фреквенции – далеку под дури и најнискиот бас произведен од човечки гласови“, рече Хербст, чие истражување е објавено во „Кјурент бајолоџи“.

Слични гласовни структури се пронајдени и кај диви мачки како што се лавовите и тигрите.

„Vocal fry“, што новата студија го предлага како алтернативно објаснување – е најнискиот тон што нашите гласови можат да го произведат, создавајќи ефект на зарипнат говор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот