Новиот обвинител Савески е противник на затворскиот притвор, ќе бара од колегите поретко да го бараат
Новоизбраниот државен обвинител вели дека ние сме сиромашна земја, а притворот бил најскапа, најригорозна и најнехумана мерка за спречување еден обвинет да избега
Новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, кој како судија не ги прифаќаше секогаш барањата на Обвинителството за ефективен, затворски притвор за обвинети лица, во интервју за „360 степени“ рече дека притворот ќе биде еден од аспектите во кои ќе воведе промени.
Препорачано
На прашањето каков е неговиот генерален однос кон таа тема — кога и колку треба да се определува притвор, Савески рече дека притворот е „најригорозна, најскапа и најнехумана“ мерка за спречување еден обвинет да избега.
„Ние сме сиромашна држава. Притворот е најригорозна мерка од мерките коишто ги нуди Законот за кривична постапка. Меѓутоа и најскапа, и најнехумана. Еден ден во притвор значи одвојување на парични средства од буџетот. Како сиромашна држава треба да водиме сметка и за тоа. Да се однесуваме согласно нашите можности. Ако куќниот притвор може да ги задоволи потребите за обезбедување на конкретен обвинет во една постапка, зошто секогаш да почнеме од најстрогата мерка, којашто кажувам дека е најскапа и најнехумана? Кога го спомнувам и тоа дека таа мерка сама по себе не е хумана, тука ги имам предвид и условите во коишто се издржуваат притворите. Нашите казнено-поправни установи, институциите каде што се издржува мерка притвор, според извештаите од меѓународниот фактор, не се на задоволително ниво. Напротив, условите во коишто се издржуваат овие мерки се нехумани. Тоа треба да се има во предвид за нас од финансиски аспект, за имиџот на нашата држава пред меѓународниот фактор од аспект на хуманост, и трета работа којашто е битна во притворот: секогаш треба да се има предвид, дека треба да се почне од најблагата мерка, па до најстрогата. Прво треба да се елиминира најблагата, ако со неа не може да се обезбеди присуство на обвинетиот, па потоа… Јас, на пример, и како судија и претходно, кога сум бил обвинител, сум бил поборник секогаш да применам поблага мерка, а мерката притвор да ја избегнам“, рече Савески.
Тој вели дека не само што ќе се обиде да го пренесе овој пристап во Јавното обвинителство, туку и дека тој ќе биде „негов начин на воспоставување стандарди на постапување“.
На забелешката дека нашата јавност секое изрекување домашен притвор го доживува како заговор за политичка или друг тип поддршка, Савески рече дека тоа веројатно се должи на сите претходни одлуки кои ги носеле Обвинителството и судовите. Според него, паричните гаранции се ефикасно средство за спречување бегства
„Гаранциите се доста ефикасна мерка за обезбедување присуство. Тоа е мерка којашто упатува токму на моиве ставови коишто претходно ги изразив. Доколку некој побегне, а оставил гаранција – тој имот, недвижен или подвижен имот, како и да е, има одредена вредност. Таа вредност, доколку побегне, останува сопственост на нашата држава. Којашто, нели, ако можам така да се изразам, имаме финансиска состојба за којашто треба да водиме сметка – тие финансиски средства, тој капитал, со продажба на тој капитал, станува дел од буџетот и е на располагање на сите граѓани, вклучително и на правосудните институции“, вели Савески, кој не е загрижен дека тоа ќе ги стави во повластена позиција побогатите луѓе, бидејќи „тој што создал капитал, логично е да се претпостави дека сака и да го задржи.“
Савески најави крај за „фиока-системот“: Сите предмети се важни, со нив се решаваат човечки судбини


