Новиот ГУП за Скопје не е ни на повидок, уште долго ќе се планира по стариот

Фото: МИА

Генералниот урбанистички план 2012-2022 година истече, а новиот, според кој треба да се планира просторот во Скопје во наредните 10 години, сѐ уште не е изготвен и не се знае уште колку години ќе треба за да стапи на сила. Дотогаш, планирањето и деталните урбанистички планови што ќе ги носат општините, ќе се усогласува по стариот, донесен уште во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски.

Градоначалничката Данела Арсовска неодамна, во гостување на една од телевизиите, изјави дека само за основниот документ, кој се подготвува заеднички со Градежниот факултет и со Агенцијата за просторно планирање, претпоставен рок за завршување е четири години, но со оглед дека изработката не е почната навреме, туку лани, тоа значи дека новиот ГУП нема да биде готов во блиска иднина. Таа објасни дека сите постапки започнале по пописот, затоа што се чекале резултати што се битни за изработката на планот, а дека сега забрзано се работи на неговата подготовка. Арсовска очекува нацрт-верзијата да биде готова кон средината на годинава, за да може веднаш да се вклучи јавноста со свои забелешки додека е ГУП уште во рана фаза на подготовка.

Од сето ова произлегува, дека откако ќе поминат сите фази на подготовка и сите фази за негово донесување, веројатно новиот ГУП ќе стапи на сила некаде на половината на периодот за којшто ќе биде донесен.

На последната седница на Советот на Град Скопје беше донесена Програма за финансирање изработка на урбанистички планови на Град Скопје во 2023 година, во која за изработка на новиот ГУП, за оваа година, се предвидени средствата во износ од 50.000.000 денари, како и 15.000.000 денари за урбанистички проекти неопходни за спроведување на ГУП.

 Во текот на имплементацијата и спроведувањето на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, преку изработка на Регулациските планови на генералниот урбанистички план и Деталните урбанистички планови, дефинирана е потребата за преиспитување и усогласување на ГУП со постојната состојба во просторот и стекнатите права од претходните плански документации заради обезбедување на одржлив развој на градот. Од нерамномерниот развој на градот во правец север – југ, произлезе потребата за редефинирање на содржините на сметка на рационално искористување на слободните површини во рамките на урбаниот опфат, додека од нотираните проблеми во сообраќајната мрежа како основен елемент на просторната комуникација произлезе потребата од идно визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура и нов транспортен модел на градот – се вели во образложението на Програмата.

Како што се прецизира во Програмата, новиот Генерален урбанистички план треба да биде стратегија за идниот развој на градот, што значи дека неговата подготовка е сеопфатен, сложен и временски долг процес за што е потребно вклучување на стручни лица од повеќе институции и области.

Колку години ќе поминат додека стапи на сила ГУП за 2023-2033 година, колку тој ќе биде квалитетен, како што тврди Арсовска, и дали ќе биде поквалитетен од претходниот, времето ќе покаже.

Дел од граѓаните со нетрпение го очекуваат во надеж дека со него ќе се отстранат многу недоследности, а со кои задолжително мора да бидат усогласени деталните урбанистички планови кои ги носат општините. Па така, на пример, него желно го очекуваат жителите на Крњево, кои не можат да реновираат и да ги обноват своите трошни куќи, затоа што во дел од населбата во ГУП е зацртан булевар којшто никогаш не се реализирал. Сличен проблем имаат и жителите на Мичурин, но и на Маџир Маало, во чија населба според постојниот ГУП повеќе од половина од просторот за градби е со намена за деловни објекти. Сличен проблеми имаат и жителите од многу други делови на Скопје.

Целата изградба и уредување на просторот во Скопје мора да е задолжително усогласен со намените во Генералниот урбанистички план, но многупати, можеби и неправедно гневот на јавноста при носењето на некој ДУП е насочен кон општините, иако секој ДУП мора да биде во согласност со ГУП.

Градоначалничката вети дека граѓаните ќе бидат вклучени уште во раната фаза на изработка на ГУП, па доколку тоа навистина така се случи, тогаш скопјани ќе треба да бидат подготвени и внимателно да следат што ќе понуди планот на просторот за којшто се заинтересирани. Затоа што откако ќе се донесе, тогаш доцна ќе биде за сѐ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот