Нови порази за Работнички и Куманово, шампионот сигурен
Кошаркарските екипи на Работнички и Куманово продолжуваат со негативната серија на стартот од 2026 година, откако во денешното коло претрпеа нови порази, овојпат од Тиквеш, односно од Феникс.
Препорачано
Куманово доживеа тесен и болен пораз на гостувањето кај Феникс, во натпревар исполнет со неизвесност и постојани промени во водството. Гостите имаа предност во самиот финиш, но во последните минути потфрлија, што домаќините го искористија и во драматична завршница славеа со 86-84.
Работнички, пак, не успеа да се израдува на гостувањето во Кавадарци, каде што загуби од Тиквеш со 85-74. Скопјани добро го отворија натпреварот и одиграа солидна прва четвртина, но тоа беше сè што покажаа. Тиквеш постепено ја презеде иницијативата, а до паузата направи висока разлика и на полувреме водеше со убедливи 47-32.
Иако Работнички се обиде да се врати во игра во последната четвртина, обидот остана без резултат, па кавадарчани стигнаа до својата шеста победа сезонава.
Актуелниот шампион МЗТ Скопје продолжува со сигурните настапи и во ова коло без поголеми проблеми го совлада тимот на Ангели со 95-74. Во последниот денешен натпревар, Кожуф ја оправда фаворитската улога и забележа победа над Гостивар со 73-57.


