Нова студија: 10.000 чекори дневно го намалува ризикот од рана смрт, дури и ако седите остатокот од денот

Фото: Профимедиа

Одењето до 10.000 чекори дневно го намалува ризикот од срцеви болести и рана смрт, дури и ако луѓето поголемиот дел од денот го поминуваат седејќи, покажува истражувањето, пишува Си-ен-ен.

Експертите претходно открија дека луѓето кои поминуваат многу време седејќи, на пример, на биро или гледајќи телевизија, имаат поголема веројатност да развијат срцеви болести и прерано да умрат.

Но, досега не беше јасно дали одењето може да ги спречи ефектите од седењето во поголемиот дел од денот.

Новата студија, објавена во „Бритиш журнал оф спортс медисин“ (British Journal of Sports Medicine), откри дека секој дополнителен чекор над 2.200 чекори дневно – до околу 10.000 – ги намалува овие ризици, без оглед на тоа колку време поминувате седејќи мирно.

Експертите откриле дека најмал ризик од рана смрт има кај луѓето кои направиле од 9.000 до 10.500 чекори дневно. Кога станува збор за избегнување на мозочен и срцев удар, најмал ризик имало кај луѓето кои дневно направиле околу 9.700 чекори.

За студијата, предводена од Универзитетот во Сиднеј, експертите користеа податоци од британската Биобанк од 72.174 луѓе на возраст од околу 61 година. Сите носеле акцелерометар на зглобот за да го измерат нивото на вежбање.

Во текот на речиси седум години следење, имало 1.633 смртни случаи и 6.190 кардиоваскуларни настани, како што се срцеви или мозочни удари.

Резултатите покажале дека која било количина на чекори на ден над 2.200 дневно е поврзана со помал ризик од смрт и срцеви болести, без оглед на времето поминато во седење, но придобивките се зголемувале колку повеќе чекори преземале луѓето.

Севкупно, 9.000 до 10.500 чекори дневно го намалуваат ризикот од рана смрт за 39 отсто и ризикот од срцев или мозочен удар за 21 отсто. Во двата случаи, 50 отсто од придобивките е постигната помеѓу 4.000 и 4.500 чекори дневно.

Друга студија, објавена во списанието за „Неврологија, неврохирургија и психијатрија“, открила дека дури и ниското ниво на вежбање може да помогне да се намали ризикот од мозочен удар.

– Луѓето треба да се охрабруваат да бидат физички активни дури и на најниските нивоа – рекле истражувачите кои учествувале во студијата, вклучително и Империал колеџ во Лондон.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот