„Низ главава ми експлодираат спомени“: Џамбазов со емотивна објава се прости од Димче Мешковски

Фото: Принтскрин/Јутјуб - Инстаграм

По долго боледување, вчера на 20 март 2023 година, во неговиот дом во Лос Анџелес (САД) почина доајенот на македонското глумиште, Димче Мешковски. Актерот почина на 77-годишна возраст.

Денес, голем број колеги и соработници се простија од Мешковски преку социјалните мрежи, меѓу кои и познатиот актер и шоумен Игор Џамбазов.

„Збогум, драг мој Мешко. Има ли име ова? Оваа тага… Низ главава ми експлодираат спомени. Претстави, филмови, серии, радио драми, легендарното Хихирику, тезги, софри, песни, гитари, бесконечни партии карти во театарот. И многу ќеф. Што те познавав, што ме прифати како син, и што навиваше за мене и тогаш кога не требаше.Се гледаме стари“, напиша Игор во својата емотивна објава.

Матична сцена на Мешковски била Драмски театар – Скопје. Остварил улоги во многу театарски претстави („Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“), телевизиски серии („Македонски народни приказни“), радио-драми и хумористични серии („Хихирику“) и играни филмови („Викенд на мртовци“). Својот глас го позајмувал и при натсинхронизацијата на цртани филмови (Гаргамел во „Штрумпфови“), а познат е и по улогата на Дедо Мраз во новогодишните претстави за деца. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.

Тажната вест за смртта на Мешковски за „Слободен печат“ ја потврди водителката Сања Савевска, која е долгогодишна блиска пријателка на семејството Мешковски.

„Чичко Димче починал мирно во својата фотеља додека бил заедно со својата сопруга. Си заминал мирно како што отсекогаш сакал и негова желба била да не го носат веќе по лекари. Сега се слушнав со неговата ќерка Наташа која до пред три недели беше во Америка кај своите родители и кај сестра си. Во повеќе наврати сум рекла дека тој ми беше како втор татко, како дете одев на часови по глума кај него и останавме пријатели до самиот крај“ – изјави Сања за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот